Речиси 90 конгресмени и претставници на Демократската партија вчера го повикаа американскиот претседател Џо Бајден да размисли за прекин на продажбата на оружје на Израел доколку израелската влада не го корегира својот став кон испораката на хуманитарна помош за Газа. Демократските претставници изразуваат „сериозна загриженост за водењето на израелската војна во Газа со оглед на намерно одбивање на хуманитарна помош“, се наведува во писмото потпишано од 86 членови на Конгресот и доставено до Белата куќа.
Ограничувањата на Израел за испорака на хуманитарна помош за Газа „придонесуваат за хуманитарна катастрофа без преседан“, се вели во писмото. Пратениците истакнаа дека израелската Влада се спротивставила на повторените барања на САД да се отворат доволно морски и копнени патишта за помош на Газа и ги наведоа извештаите дека не дозволила доволно храна за да спречи глад, наметнала „произволни ограничувања“ на помошта и воведе систем за инспекција, отежнувајќи го снабдувањето .
Потписниците, вклучително и многу членови на Претставничкиот дом, бараат од демократскиот претседател јасно да му стави до знаење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека секое попречување на испораката на помош за Газа ја загрозува безбедносната помош на САД за офанзивните способности на Израел.
Сепак, тие прецизираат дека израелските системи за противракетна одбрана, како што е Железната купола, мора да бидат исклучени од ова можно суспендирање на американската помош. „Продолжуваме силно да го поддржуваме финансирањето на израелската одбрана што спасува животи“, се додава во писмото.
Меѓу потписниците на писмото има и демократски членови на Комитетот за вооружени сили и на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом.
Г. Т.