Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Ѓинпинг се договорија, по нивната прва средба по нешто повеќе од една година, да отворат директна телефонска линија меѓу двајцата лидери, да го обноват контактот меѓу армиите на двете земји и да соработуваат за сузбивање на производство на фентанил.
Бајден и Си разговараа речиси четири часа за проблемите што ги нарушуваат односите меѓу САД и Кина.
Двајцата претседатели планираат да ги обноват воените контакти кои Кина ги прекина во август 2022 година кога тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, го посети Тајван.
„Се враќаме на директна и отворена комуникација. Се договоривме секој од нас да може директно да го прифати телефонскиот повик, за веднаш да се слушнеме“, рече Бајден додавајќи дека тоа важи и за комуникацијата меѓу двете претседателски канцеларии.