Германскиот фудбалски шампион Баерн Минхен најверојатно во периодот што следи своите домашни натпревари ќе ги игра без публика, откако таква одлука поради зголемениот број заразени со коронавирус денеска најавија властите во сојузната покраина Баварија.
Баварскиот премиер Маркус Зедер посочи дека оваа германска сојузна држава ќе забрани присуство на навивачи на спортските терени, дури и во случај да не биде постигнат договор за тоа на државно ниво.
– Бесмислено е повторно да ги пуштаме навивачите барем во наредниот период. Доколку не успее договор на сојузно ниво, ние таква одлука ќе донесеме само за Баварија, најави Зедер за локалните медиуми.
Баерн следниот натпревар на домашен терен го игра на 8 декември против Барселона, во рамки на последното коло од групната фаза во Лигата на шампиони.