Како треба или не треба да се чува кондомот, дали два кондома се подобра заштита, чија е одговорноста за користење контрацепција. Оралната контрацепција не придонесува за дебелеење или за неплодност. Инфорамции за безбеден секс, сексуално преносливи инфекции, абортус и слични други прашања може да се најдат на новата веб-страница kontracepcija.mk која денеска ја промовираа Институтот за јавно здравје и ХЕРА. Веб-страницата за контрацепција е достапна на македонски и на албански јазик.
Во отсуство на сеопфатно сексуално образование во училиштата, постои надеж дека оваа веб-страница ќе им биде корисна на граѓаните, на младите, но и на здравствените работници во заложбите да ги информираат нивните пациенти. Иницијаторите за создавање на оваа веб-страница веруваат дека ќе се надмине или барем ублажи присутноста на дезинформациите и митовите поврзани со контрацепцијата.
Идејата за нејзина изработка, како што појасни координаторката за комуникации во ХЕРА, Андријана Папиќ Манчева, дошла од Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права, кој подолго време и редовно ја следи состојбата со пристапот до информации и услуги за контрацепција во Европа.
Папиќ Манчева кажа дека на Европскиот атлас на контрацепција до преклани Македонија котирала повисоко поради воведувањето на медикаментозниот абортус, а лани сме паднале пониско поради тоа што државата ја скрати бесплатната контрацепција за ранливите категории на жени.
Поставувањето на веб-страницата, резултат на соработка помеѓу Институтот за јавно здравје и стручните лица од МАГО, Центарот за семејна медицина и Македонското лекарско друштво, е одличен чекор кон намалување на јазот со информации за целото население, а особено за младите, истакна Папиќ Манчева.
Доктор Глигор Тофоски од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, рече дека различни категории на пациентки кои несакано остануваат бремени, имале или имаат различни опции претходно, да се информираат и да се обезбедат со контрацепција. Или преку програмите од Министерството, или преку невладиниот сектор. За жал, заради немање информации и недостапна контрацепција за нив, тие не ја искористиле таа шанса. Се залагале цело време, да го има што повеќе, барем еден контрацептив на позитивната листа на Фондот.
Тоа ветување уште од 2017 година го добивме, меѓутоа уште не е реализирано, еве сега се прекројуваат листите во Фондот. Она што е уште побитно, таа генерација која расте и е реално најзагрозена, но и оние кои веќе имаат семејство и не сакаат повеќе членови во семејството, исто така да бидат информирани за своите права и за своите можности, да им се обезбеди контрацептивно средство, додаде тој.
На новинарско прашање, тој одговори дека според него, ниската стапка на користењето на орални контрацептиви кај нас, се должи на предрасудите и за жал, нејаснотиите, иако повеќе пати се труделе да објаснат, дека низ годините, милиони случаи користат орална контрацепција, а таа ниту придонесува за неплодност, ниту до други проблеми. Ниту се здебелува од неа, иако најчесто се таквите обвинувања. Во еден дел, додаде, веројатно влијаела и цената, бидејќи не сите луѓе, рече, можат да си ја дозволат како додатен трошок.
Во најголем дел од развиените земји спрема кои ние се стремиме, имаат опција за, барем едно контрацептивно средство и тоа најчесто по избор на жената, нагласи тој, подвлекувајќи дека едукацијата е многу важна, а многу битна е улогата и на семејниот лекар.
Професор доктор Катарина Ставриќ од Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје, истакна дека контрацепцијата го наоѓа своето место и во случаи кога има одредени болести кај мајки и треба да се одложи бременост, при планирање на разумно растојание помеѓу две бремености.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.