Актерот на Драмски театар Скопје, Сашо Тасевски е добитник на наградата за најдобра споредна машка улога на четвртото издание на Театарскиот фестивал „5РЕ” во Велес. Наградата ја доби за улогата на Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ во продукција на Драмски театар Скопје.
Наградата за најдобра споредна машка улога ја донесе жирито во состав: Александар Георгиев, Александар Ивановски и Миле Вратеовски и во образложението на наградата се истакнува неговата фантастична изведба на ликот Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ и се додава: „Сашо Тасевски, со неговиот хумор, енергија и актерска виртуозност, ја донесе една од најзначајните улоги во оваа претстава. Неговата игра ги плени сите сетила, одржувајќи баланс меѓу забавата и длабоките емоции што го носат со себе карактерите од оваа комедија“.
Режисерката Теа Беговска воедно е и автор на текстот и адаптацијата на претставата. Во уметничкиот тим што ја работеше „Фамилијата Адамс“ се сценографот Никола Пијанманов, костимографите Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев, а музиката е на Енес Беговски. Кореографија ја направи Бојан Лазаров.
Ликовите во претставата ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Гомез Адамс – Предраг Павловски, Мортиша Адамс – Трајанка Илиева Вељиќ, Бабата – Гордана Ендровска, Венздеј Адамс – Нина Елзесер, Фестер Адамс – Сашо Тасевски, Пагзли Адамс – Томислав Давидовски, Лукас, момчето на Венздеј – Марјан Наумов, Деби, бившата љубов на Фестер – Емилија Мицевска, таткото на Лукас – Златко Митрески и мајката на Лукас – Маја Вељковиќ Пановска.
Ликовите на ДУХОВИ во претставата „Фамилијата Адамс“ ги играат студенти на Факултетот за драмски уметности и Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима: Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.
Режисерката Теа Беговска во програмската белешка истакнува дека: „Фамилијата Адамс, овие добро препознатливи и екцентрични ликови со мрачен хумор, сместени во т.н. гробница на Светот (каде се закопани нивните предци) – “танцуваат” во СВОЈАТА нормалност, во СВОИТЕ вредности за живот и смрт. Овој мрачен дом на Фамилијата Адамс е светилиште каде се слави смртта, но, се слави и љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс“.
Претставата Фамилијата Адамс е на редовниот репертоар на Драмски театар Скопје и наредната изведба е на 26 април во 20 часот. Тоа ќе биде нејзина тринаесетта изведба по премиерата на 25 декември 2024 година.
Текстот Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ е превземен од МАКФАКС.