Фудбалскиот клуб Академија Пандев го комплетира процесот на ребрендирање. Откако ги исполни сите услови кон Фудбалската федерација на Македонија, струмичкиот клуб и официјално фигурира под новото име Академија Пандев Брера Струмица.
Преку социјалните мрежи, клубот се обрати и ги објасни сите детали. Во иднина е најавено дека ќе се настапува со кратенката АП Брера Струмица или за комерцијална употреба само Брера Струмица.
Официјалниот назив на клубот ќе биде Академија Пандев Брера Струмица. Покрај тоа, се промени и логото. Боите на „Брера Холдинг“ ќе бидат основата, на латинично писмо ќе пишува Брера Струмица, додека логота на Академија Пандев и Општина Струмица се вметнати на двете страни.
Горан Пандев остана претседател на клубот, по избор на бордот на директори. Струмичанецот најави дека ќе се работи на подобрување на инфраструктурата во овој град. Примарната цел пак се враќа на младинските школи и млади фудбалери, меѓутоа нема да се запостави ниту првиот тим. Со италијански прв тренер и стручен штаб, Брера Струмица ќе тргне во новата сезона на ПМФЛ./Gol.mk/