Кун Агуеро денеска на јавноста и соопшти дека прекинува со професионалниот фудбал поради проблемите со срцето кои беа откриени пред пола месец откако на сред мечот со Алавес се пожали на проблеми.
Агуеро на прес конференцијата не можеше да ги сокрие солзите на неговиот крај на играчката кариера.
„Донесов одлука да прекинам со професионалното играње. Ја донесов оваа одлука поради проблемот кој го открив пред пола месец. Зборував со медицинските лица, кои ми рекоа дека е најдобро да прекинам да играм. Десет дена претходно ја донесов одлуката, и сакав да ви ја соопштам. Јас сум среќен поради кариерата која ја имав. Секогаш уживав кога играв фудбал од почетокот од мојот прв контакт со топката, се до крајот. Мојот сон беше да играм во Европа тој сон ми се исполни. Играв во најдобрите клубови. Давав се од себе, и ви благодарам што сте тука со мене. Беше магично да се добие шанса да се игра во Барселона, еден од најдобрите тимови во светот. Многу сум почестен поради таа можност, како и поради можноста да играм во репрезентацијата на Аргентина. Играв во големи клубови како Атлетико Мадрид, Манчестер Сити и кажувам крај со крената глава. Знам дека многу луѓе ми даваат поддршка во овие моменти и јас сум им многу благодарен поради тоа. Многу ми значи“, рече Агуеро.
Потоа емотивно го поднесе и видеото кое му го пуштија од Барселона. Плачеше и неговото семејство кое беше присутно, а и неговите поранешни тренери и сегашни соиграчи. Беше присутен и Пеп Гвардиола како и челници од аргентинската и од шпанската фудбалска федерација.