Двајца државјани на Босна и Херцеговина кои исчезнаа во африканската земја Мали пред речиси два месеци се живи и здрави и наскоро треба да се вратат кај своите семејства, објавија локалните медиуми во Босна и Херцеговина.
Марио Кокоруш и Марин Петровиќ, двајца авантуристи кои патувале во бројни други земји пред Мали, според достапните информации, исчезнале на почетокот на септември и се претпоставувало дека биле или уапсени од владините сили во Мали или киднапирани од една од бунтовничките групи.
Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (OSA) се приклучија во потрагата по нив, но досега нема информации од официјални извори за нивната судбина.
Повеќето медиуми во Босна и Херцеговина денес споделија објава од Фејсбук страница од нивниот познаник Кристијан Иличиќ, исто така авантурист и светски патник, кој тврди дека потрагата вродила со плод, па Кокоруш и Петровиќ наскоро би требало да бидат слободни.
„Тие во моментов се безбедни и на пат кон главниот град на Мали и наскоро ќе се вратат кај своите семејства“, напиша Иличиќ.
Тој објасни дека на барање на сопругата на еден од исчезнатите мажи, се заинтересирал за нивната судбина преку своите врски во Мали и така открил дека биле киднапирани за време на вооружен напад заедно со возачот.
Иличиќ тврди дека џихадистичката група JNIM, огранок на Ал Каеда што работи во Мали, стои зад инцидентот, а не е јасно што се барало во наводното киднапирање и зошто биле ослободени.
Кокоруш, кој има докторат по електротехника, покрај државјанството на БиХ, има и германски пасош, а Петровиќ има и хрватски пасош и е професор на Машинскиот факултет во Сараево.
Текстот Авантуристи од БиХ киднапирани во Мали ослободени по два месеци е превземен од МАКФАКС.























