ЦИВИЛ на Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура: Не постои ниту едно оправдување или правна основа за тортура!

На Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура, ЦИВИЛ се придружува кон глобалните повици за ставање крај на тортурата и секој вид на нечовечно и понижувачко постапување против поединци и групи.

Според Конвенцијата против тортура и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување (Член 1), тортура значи секој чин со кој силна болка или страдање, без разлика дали е физичка или ментална, се нанесува намерно врз лице за цели како што се извлекување информација за трето лице или признание. Понатаму, дефиницијата за тортура подразбира и казнување за дело што тој/таа или трето лице го извршило или за кое постои сомневање дека го извршило. Под тортура се подразбира и заплашување, принуда или дискриминација од кој било вид, кога се нанесува болка или страдањето од или со поттик, согласност или прифаќање од јавен службеник или друго лице кое дејствува во службено својство.

Тортурата нанесува трајни последици врз жртвите и сее терор меѓу луѓето. Таа е забранета со меѓународното право и со националните устави и закони на сите држави членки на ОН. Наспроти тоа, во светот расте бројот на жртви од тортура што ја спроведуваат полициски, воени и паравоени формации врз цивили, вклучително и жени и деца, или воени затвореници.

Најгрозниот чин што може да го изврши некој врз друг човек е токму тортурата. Не постои ниту едно оправдување или правна основа за тортура, без оглед на тоа дали се работи за сомнеж за криминал, загрозување на безбедноста на државата или било каква друга причина.

Жртвите од тортура се соочуваат со ѕидот на молкот и продолжена стигматизација во општеството. Тоа е неприфатливо!

Затоа, ЦИВИЛ, во име на хуманоста и меѓународното право, повикува на решителна и гласна акција против тортурата. Воедно, ЦИВИЛ повикува на целосна и недвосмислена поддршка на жртвите од тортура. Сите политички, институционални и граѓански ентитети, поединци и групи, имаат обврска да се вклучат во борбата против ова антицивилизациско зло. Сечиј придонес е важен!

ЦИВИЛ