Културата ги надминува сите политички проблеми меѓу двете земји чии дипломатски односи се нарушени во последниот период, било истакнато на денешната средба кај бугарскиот претседател Румен Радев. Ова го изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој е дел од високата македонска делегација во Софија, што ја предводи претседателката Гордана Силљановска Давкова.
Како што рече Љутков во гостувањето на ТВ Сител, на средбата со Радев станало збор за развојот на културата и туризмот, како и за економските придобивки што може да ги имаат двата народа од соработката во овие две сфери. На билатералната средба, пак, со бугарскиот колега, министерот за култура Најден Тодоров, се разговарало за неопходноста од што почести не само оперски, туку и театарски меѓусебни гостувања, како и за големите продукции кои ќе мора, било посoчено, да ги претставуваат двете земји.
Според Љутков, културната дипломатија меѓу Македонија и Бугарија секогаш била на високо ниво.
-Културата не ги препознава до крај политичките дипломатски односи. Културната дипломатија секогаш била на високо ниво меѓу Македонија и Бугарија и тоа се покажало во последните 20 години. Мислам дека односите се одлични. Од пандемијата, од 2019 година наваму, и во делот на буџетите и во делот на меѓународните односи заостануваше овие неколку години, но тоа не значи дека не треба да се вратиме на истите патеки. Она што го зборуваме денес е дека освен Македонската опера и балет, треба да ја продлабочиме соработката и во големите продукции во театарот и другите области на културата, рече министерот.
Голем дел од денешниот работен ручек со Радев, напомена, бил одвоен за развојот на културата и туризмот што може да има голем импакт врз развојот на двете земји.
Средбата со Тодоров за Љутков беше прва билатерална во неговиот мандат со колега од друга земја.
-Ова беше мојата прва дипломатска билатерална средба со министер за култура. Тодоров доаѓа од сферата на културата. Имавме одличен разговор, разговаравме дека големи продукции ќе мора да ги претставуваат двете земји, ќе мора што почесто да бидеме присутни и ние во Софија и Софија во Скопје. Зборувавме и за двете театарски национални институции, да имаме таков реципроцитет во текот на годината, информира Љутков.
Тој и во оваа прилика се осврна на делегираниот буџет во македонската култура и театар кој ќе овозможи, како што потенцира, менаџерите послободно да ги креираат своите политки и послободно да ги трошат средствата што ќе им бидат дадени за да прават поголеми продукции за земјава да биде репрезентативна не само во Софија, туку и во сите европски земји.