Граѓани се жалат до Народниот правобранител дека Министерството за внатрешни работи не го почитува законскиот рок за издавање на патни исправи. Омбудсманот Насер Зибер тврди дека МВР има недостиг на обрасци за патни исправи, како и за другите документи.

-Претставките воглавно се однесуваат на две прашања, првото е неможноста да закажат термин за стекнување со лични документи, а второто е проблемот за надоместокот за трошоците за обновување на документи кои согласно законските решенија се валидни, а поради измените на Уставот на 12 февруари стануваат неважечки, вели Зибери за Радио Слободна Европа, а потоа додава:

-Ние баравме Владата, односно државата да ги сноси тие трошоци, за сите граѓани, кои по стапување на сила на измените на Уставот и стапување на сила на уставниот закон за спроведување на амандманите, се стекнале со нови документи со старото име на државата, а заради измени на Уставот ќе бидат неважечки, бидејќи сметаме дека државата по стапување на сила на уставните измени не смеела да издава лични исправи со стари обрасци, односно со името Република Македонија, туку за сите тие граѓани требало навреме Министерството за внатрешни работи, да ги донесе подзаконските акти со тоа и да ги уреди обрасците за личните исправи, и со тоа граѓаните по стапување на сила на уставните измени требало да добијат исправи валидни согласно Уставот на Република Северна Македонија.