Женското рели „#женскорели2025“ денеска ќе ги раздвижи улиците на Скопје, во организација на Автомобилистичката федерација на Македонија (АФСМ). Овој настан, кој се одржува по шести пат, ќе биде вистински тест за умешноста и брзината на учесничките, кои ќе се натпреваруваат во две дисциплини: градско возење по однапред зададена рута и брзински испит познат како „гимкана“.
Сите натпреварувачки мора да поседуваат важечка возачка дозвола и да возат со сопствено возило, додека тимот се состои од возач и совозач.
„Веќе шест години преку ова рели ги поттикнуваме девојките и жените активно да се вклучат во автомобилизмот. Овој спорт не е само забава, туку и начин да се промовираат вредности како почитување на сообраќајните правила, внимание и култура на однесување во сообраќајот. Нашиот главен фокус е да испратиме силна порака за еднаквост, позитивен натпреварувачки дух и поддршка меѓу сите учесници“, изјави Кристина Станојковска, потпретседателка на АФСМ.
Настанот е организиран со поддршка на домашни и меѓународни партнери на Автомобилистичката федерација на Северна Македонија, која е дел од Светската автомобилистичка федерација (ФИА).