Незаконитиот прекин на работата, т.н. бојкот, не е организиран согласно Законот за работни односи и Колективниот договор и тој не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машиновозачите, информираат од Железници на РСМ Транспорт АД-Скопје.

Со прекинот на железничкиот сообраќај, се вели во соопштението, се нанесуваат огромни материјални и нематеријални штети на ЖРСМ Транспорт АД Скопје, ЈП за железничка инфраструктура на РСМ и на целокупното стопанство и менаџерскиот тим е приморан да ги преземе сите законски мерки за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај.

–  Менаџерскиот тим е во постојани разговори со Владата на РСМ и се прават напори, да се обезбедат средства за непречено функционирање на железничкиот систем до крајот на годината. Во периодов кога имаме најава за зголемен железнички превоз од страна на коминтените, свесната одлука за бојкот од страна на машиновозачите во најмала рака е неразумна, бидејќи ќе предизвика огромни штети на друштвото и на целокупното стопанство на РСМ, се вели во соопштението од Железници на РСМ Транспорт АД Скопје.

Од ЖРСМ Транспорт АД Скопје, исто така, информираат дека во периодот од 1 август до денот на прекинот на железничкиот сообраќај на 25 август, машиновозачите оствариле вкупни просечни лични примања во износ од 60.000 денари, додека за споредба во истиот период, раководител инженер, остварил лични примања во висина од 21.000 денари.

Железничкиот сообраќај во државава е во прекин од 26 август поради бојкотот на машинскиот и извршниот персонал во ЖРСМ Транспорт.

Тони Димовски, претставник на машинскиот и извршниот персонал, во изјава за МИА викендот, рече дека бојкотот ќе трае до исполнување на барањето, но и до постигнување договор за редовна целосна исплата на платите.

-Ова веќе на ништо не личи, речиси за секоја плата мора да правиме бојкот и затоа ќе бараме да почнеме преговори и да се постигне договор да прекине оваа пракса, рече Димовски.

И на крајот на јули имаше прекин во железничкиот сообраќај, исто така, поради неисплатен втор дел од плата,  а од истата причина и претходно во неколку наврати вработените ја бојкотираа работата.