Украинскиот претседател Володимир Зеленски го унапреди врховниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски, во генерал, соопшти претседателството. Новиот чин му беше доделен со претседателски декрет од 23 август, објавен на веб-страницата на шефот на украинската држава.
Досега Сирски имаше чин генерал-полковник.
Западните агенции забележуваат дека Сирски (59) бил унапреден само неколку недели по ненадејниот упад на украинските сили во руската област Курск. Потсетуваат и дека Сирски е роден во 1965 година во Владимирската област во Русија и живее во Украина од 1980-тите. Тој беше назначен за врховен командант на вооружените сили во февруари.
Зеленски денеска им додели и нов воен чин на началникот на Генералштабот на украинските вооружени сили и на командантот на обединетите сили на украинските вооружени сили. Началникот на Генералштабот Анатолиј Баргилевич беше унапреден во чин генерал-полковник, а претходно беше генерал-мајор.
Командантот на обединетите сили, Андриј Гнатов, сега е генерал-мајор, а претходно беше бригаден генерал.