Само неколку дена пред Божиќ, украинскиот претседател Володимир Зеленски апелираше на борбениот дух на неговите сонародници да не потклекнат во одбраната на земјата.

– Потребно е максимално внимание за одбраната, максимални напори за земјата, максимална енергија за Украина да ги постигне своите цели, рече синоќа Зеленски во своето редовно видео-обраќање.

– Времето за одмор ќе дојде подоцна, нагласи тој.

Украина годинава првпат официјално го слави Божик на 25 декември според западната традиција, а не на 7 јануари согласно православните обичаи.

– Сега, пред Божиќ, сите во нашата земја мора да запомнат дека ова е време за концентрација, време за работа, рече Зеленски. Судбината на земјата ќе се решава во регионите Харков, Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон, кои беа нападнати од Русија.

Дваесет семејства на украински херои вчера добија станови од државата. Секој војник, морнар и офицер на кој му е доделена титулата херој ќе го добие истото признание од државата, рече Зеленски.