Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини активно работи на воведување системски решенија кои ќе ја зголемат заштитата на граѓаните и ќе обезбедат поголема транспарентност и контрола врз мерењето на потрошената енергија. Во таа насока, министерката Божиновска бара, во најкраток можен рок, Бирото за метрологија да ја стави во функција софистицираната опрема за тестирање и верификација на броилата, која поради неажурност во претходните години останала неискористена и не била ставена во функција.
Станува збор за машина – Трофазен систем за мерење на електрична енергија и моќност, која повеќе од 7 години седи неупотребена во подрумските простории на Бирото. Со ставањето во употреба на оваа опрема, крајна цел е, освен верификација на мерилата, и да се испитува исправноста на мерилата по жалба на потрошувач, за која Божиновска инсистира да биде спроведувана и заради честите поплаки и барања од граѓаните.
Минатата недела, Министерката Божиновска при посетата на Бирото за метрологија изврши обиколка на опремата со цел да се утврди нејзината состојба. Веднаш беа дадени насоки да се започне со сите потребни активности за нејзино итно активирање. По што доби уверување од раководството на Бирото дека веднаш ќе се распише потребниот тендер за проверка на функционалноста, инсталација и пуштање во употреба на опремата, како и обука на вработените, по што ќе може да започне со проверки на броилата.
Со оваа мерка, граѓаните ќе добијат можност за независна проверка на исправноста на своите броила, директно во државна институција. Ова ќе овозможи секој сомнеж за неправилно фактурирање да се провери со прецизни и официјални мерења, при што граѓаните ќе добијат јасен и недвосмислен одговор за состојбата на нивниот инструмент.
Истовремено, ова ќе претставува дополнителен механизам на контрола врз компаниите кои ги инсталираат и одржуваат броилата, со што ќе се обезбеди поголема правичност во наплатата на потрошената енергија и ќе се намалат можностите за неправилности. Министерството останува посветено на заштитата на правата на граѓаните и воведување механизми кои ќе обезбедат фер и точен систем на мерење.