Емилија ЦЕЛАКОСКА

Сите сме заедно овде, во нашите граници на територија како рој во кошница. Сите осуди и гордости што си ги довикнуваме квалификувајќи го целиот рој се, јасно, помалку моќни од еден институционален потег кој влијае одеднаш, длабоко, масовно и во целина, но тие го моделираат ројот континуирано, раслоено, микролокално. Секој став, секоја потреба, секоја идеја дава повеќе цврстина или пак, кине, разбива по малку. Дава светлинки или распрснува катран. Но, како бран по бран низ целиот рој, овие го облекуваат и преобликуваат ројот соодветно, во форми што изразуваат многу конкретна јадрена, хумана вредност.

Затоа можеме истовремено и неконфликтно да се приклониме кон двете, навидум, спротивни потреби –  да е слободно и важно (да влезе во својствата на ројот) индивидуалното мислење, чувство, став, и, воедно, да бидеме во структура – всушност, уште повеќе, ние, како целина да бидеме структурата. Ние, изразени преку нашите институции, а институциите да се нашето саќе. Најмногу што низа од мали разбивања може да повреди (најчесто во скакулсковидна наезда од пропагандни капки катран што имитираат мед), е да празни, да поништува делови, привремено и локално. Не може тие разбивања да допрат до вредност длабоко во хуманото јадро за да го изменат и така да го моделираат ројот во некој управлив акреп. Тестот за ројот, за колку е цврсто и длабоко неговото јадро за да може да се регенерира, е моментот на поголема траума.

Тој момент е разголување, отварање на јадрото на ројот. На преглед на сите и вулнерабилно. На место, институциите го направија својот длабок, моќен потег и го заштитија. Катарзата која притоа произлезе, во нашето изворно (неизвитоперено) конзервативно пребојување, се состоеше во исполнување на потребата од завршница и таа го затвори својот круг. Таа направи и прочистување од некои лажни моралности, од лажни симболики, од празни зборови и ги извади на видело злите намери. Но, уште повеќе, очи в очи со злото, го озрачивме контрастно:  Сите заедно, воедно со затварањето на катарзичниот круг, утврдивме штит околу цврстата хумана моралност во јадрото, како заштитно силово поле. Ние, сега по искушението, ја имаме целата свест, дека разбираме која е сеопштата рамка на моралната исправност – дека има ова општество морално јадро, што не е во распарчена субјективност, не е кај преоблеката на ројот, во слојот кај ставовите, чувствата, потребите… Се покажа дека имаме и уште еден степен погоре – свест за свеста, односно за таа сеопшта морална свест – што самото е дефиниција за живот на општеството, токму врз основа на споделувањето на таа севажечка морална исправност.

Нашата очигледна обврска сега е, еднакво микролокално како претходно да ги проткајуваме сеопштите вредности во ројот, со вистинските зборови, со малечки секојдневни дела, со исправни симболики. Секако дека критиката е полесна работа, мислењето, ставот, чувствата сами брануваат, но да не легнеме врз нив мрзливо небаре тие ја обезбедуваат моралната рамка на космосов. Да се одлепиме од катраните на моралниот релативизам, да си забележиме кога сме потонати во арогантна „самоправедност“, слепо собирајќи и јадејќи катран мислејќи го за мед на моралноста. Да ги проткајуваме намерно, исто вака мрежно, апсолутните морални вредности, при што ќе ги имаме за репер и субјективно.  Да продолжиме со тоа во кружна динамика, од единката – кон ројот и обратно, во позитивна зајакнувачка спрега. Квалификациите за ројот да ни имаат содржајна гордост, не извитоперени празнотии и злоупотреби на ознаките на нашата кошница (национални симболи и слично). Ако слоеви од саќето (институциите) и формацијата на ројот ни се продупчени, тогаш со неоправданите обопштувања во критиките – тие дупки не се намалуваат! Ако толку можеме – до критика само, пред да стане вбризготина од недоследност на обопштувањето, да ја формираме на вигилантен начин, не уривачки – со дополнување на функцијата на она што го критикуваме, а не со рушење на истото, не го заслужува тоа, да бидеме фер. Да, понапорно е, но тоа е разликата меѓу вигиланте и рушител.

Но, да не се залулкуваме во чествување на отпорноста, сепак, акрепот на извитопереност кој ја заразува токму изворната конзервативна матрица си дестилира уште посилен отров за свеста. Веќе работи распрскувачот за токсично разделување на внатрешно-групни и вон-групни единки. Да, повторно со машината на моралниот релативизам. На пример, гледам веќе разделува по прашањето за легална одмазда, под насловот „смртна казна“ (или уште по-рамноземјашките – дека сѐ било измислица!) Но, овде линч групи – нема, затоа што се знае дека колку и да е оправдан гневот, а сега е 100% оправдан, никој не може да се пофали со учесништво во линч-толпа. Не само што како концепт е неморален во апсолутната рамка, туку е и неефективен. Уште повеќе, му остава простор на еден скапан, искривоколчен, психопатски шитхед-монструм да изигрува уште и маченик. Да, не дека не сме го виделе тоа претходно со благо-затворените груеви кученца, заради што токму зборот „правда“ тргна да се искривува низ групен морален релативизам.

Сѐ што треба е едни (најчесто припадници од интелектуалната фела и новинари) да не ги булшитираат либералните вредности за слобода на говорот и различностите со јадење субјективни, самобендисани буреци од арогантен морален релативизам, а другите, да не ги булшитираат изворните конзервативни вредности на правда, единство и одбрана, низ искривоколчената култура на пребирливо питачење (choosy beggar culture).

Всушност, лекот за болештиниве со кои одвнатре си се прскаме, не е горчлив, барем не како за изворно конзервативно општество. Сакаме чисти категории? Па има ли почисти категории од апсолутната вистина и апсолутната, сеопшта моралност? Се виде дека ги разбираме, не сме дошле до тој степен на заглупавеност! Сѐ што треба е едни (најчесто припадници од интелектуалната фела и новинари) да не ги булшитираат либералните вредности за слобода на говорот и различностите со јадење субјективни, самобендисани буреци од арогантен морален релативизам, а другите, да не ги булшитираат изворните конзервативни вредности на правда, единство и одбрана, низ искривоколчената култура на пребирливо питачење (choosy beggar culture). А и не е некој високо-интелектуален ангажман да се забележи дека двете се поврзани, дека се намерна хемиска реакција што произведува токсин за ројот, па доволно е само да не се шират, да се „намирисаат“ дека се состојки на токсин.

Еве што значат овие две булшитирања: Тоа се имитации – првото имитира нешто што личи на либералност, така што набутува и електризирано „мислење“ во нормалните, неутрални различности, кое е во спротивност со апсолутната морална рамка. На пример, една вжештена националистичка глава во никоја легитимна морална смисла не полага право на „различност“! И врз сите основи на разделување на внатре-групни и вон-групни единки на групи кои си увртеле во глава некакво „морално право“ на својата „различна“ неморална увереност – никако не им следи тоа „право на разликување“. Другите булшитери што имитираат конзервативност, пак, најчесто празноглави и нечесни дрдорковци со „поткасти“, квазимедиуми, па и напикани по легитимни медиуми, немајќи поим од колективна одговорност, од колективно чувство, не разбирајќи ги симболите на оваа земја како симболи, а не ѕвечки, со црна крпа преку очи на сѐ што значи култура, уметност, значење на минатото на земјата на која стојат – нешто си рецитираат, па си пеат, па си веат таму, се дразнат со црно-црвени, жолто-црвени боички… Тие, го празнат изворното конзервативно чувство за единство, за заедништво, за структура, бидејќи тој, некаков развоен дефицит, не им дозволува да почувствуваат припадност во општество, генерално. Во никаква структура  дефинирана со културата, уметноста и значењата што колективно ги произвела. Индукцијата кај нив запрела на ниво на 8-годишна возраст, па за да им дојде што и да е во свеста, мора да го набројат. Сѐ што не се набројува, инаку, мора да им е означено, а кај нас, со вергинест или лавчест бар-код (кој нема друго значење освен ин-групност), за да го утешат тоа лажно свое убедување на егзистенцијална загрозеност. А лажно е, затоа што таа „загрозеност“  е само реакција на „отфрленоста“ која длабоко ги погаѓа, но само затоа што си ставиле крпа (или цело знаме) преку очи и не ги разбираат општествената структурност и колективните значења. Заради таа лажност, сѐ што изјавуваат е празен булшит, а од некои академици или некои со институционални овластувања, е и отровен булшит. Нивната припадност секогаш е во доста помала група споредена со бројка од народ/држава, па заради дефицитот, ниедно нивно групирање не содржи алатки кои може да формираат или одржуваат структура како што е едно општество. Небитна е нивната површинска дезигнација, десно, лево, црвено, вмроа, итн. Тоа, заради дефицитот, е и онака препишување, лага. Но токму затоа, најголемиот број од овие единки се идентификуваат во групи кои претендираат да бидат структури, како партии, на пример, или некои здруженија, влечејќи значење на „структура“ од стандардните норми според кои се пишуваат статути за такви структури, но тие суштински – не се. Немаат основна квалификација за структурност – разбирање на разликата меѓу априорните значења кај апсолутната моралност, со апостериорните значења од субјективните идеи кои направиле морално релативизирање на многу, претежно, конзервативни морални вредности.

Од друга страна, некој би рекол – тежок е лекот, бара едукација и третман на учесници во нешто слично на секта, без нивно одобрение (а камоли признание), всушност. Но, сепак, мислам дека може да се почне од нерелативизирање на вистината. Да се прифати, космички просто, на ниво на општество, дека постои апсолутна вистина која мора да е компатибилна со апсолутната, светска (нека е и космичка) морална рамка.  На пример, на ниво на најобичен фер-плеј. Не мора образование за да се разбира сеопшто –  фер-плеј. Така што она, „секој си гледа своја вистина“ – да се брише од главата, бидејќи таквата „своја вистина“ е токму недоследна замена на некоја „своја“ прагма – со некакво возвишено „морално право“. Ова е карактеристична токсична подлога на дефектот кој на секои две-три недели одново и одново ни се повторува: „Ова не е доволно, она не е доволно“, дури и за ваква трагедија. Решавањето како криминален случај од страна на институциите – да бидеме фер во рецензијата – беше ефикасно и врвно. Каде е научена оваа „култура“ на пребирливо питачење – кога нешто реално и добро се прави или дава, безобразно да бараш нешто што не може (или е лага), или не е фер во проценката, па кога ќе се соочиш со космичкиот морален ѕид – го колнеш давателот. Па не си вигиланте тогаш, туку си растурач на општествената структура. Сам си се разбиваш, сам си капеш катран врз својот рој.

Овој концепт воопшто не е ист со авторитарниот, кој секако некој би го помислил овде. Токму е спротивно, бидејќи онаа позитивна повратна спрега со дополнување на функцијата на институциите (или, евентуално, т.н. „конструктивна критика“, кога има нешто помалку иницијатива) се остварува исклучиво во либерален, демократски систем, додека авторитарниот систем, составен од единки со дефицит за колективност формира повратна спрега од морални релативизми, речиси секогаш задолжително спротивни на апсолутната морална рамка. Прифатливо е дека може некој систем да се означи како диктатура и без да се засновува на авторитарност – кога либералните норми преовладуваат затоа што диктаторските структури беневолентно, а прагматично успеале да ги прикачат тие норми на апсолутната морална рамка, но обратното не важи – авторитарците се секогаш режимски, односно инфламаторно малеволентно диктаторски, дури и кога тлеат како некакви опозиции во плуралните системи. Тоа е така затоа што последниве се надвор од цивилизациските придобивки – тоа се само тврдокорни заостатоци од некои племенски практики на поглавари и следбеници, додуша. Всушност, затоа и се одвоени од апсолутноста на вистината, моралноста, а во неа и правдата, а и затоа наративите им се, на надоместувачки начин, преполни со лажни апсолутности, воедно додворувачки на конзервативните чисти категории. Дури и не мора да мислиме, ако мислењето е напорот во самолекувањето. Доволно е да обратиме внимание, во вниманието секогаш има емпатија. Не ја имаме, секако ја имаме како општество, како рој кој знае да се регенира. Сочувството е еден од најчистите извори на љубов, вели ликовната уметничка и психолог ЕнТруит во својот инспиративен „Дневник на уметникот“. На крајот, лекот се сведува на љубов кон самите себе, како колектив. Го можеме тоа. Без оглед на лажностите на нашите поединечни дефицити.

Превземено од Рацин.мк