Малкумина му поверуваа на министерот за здравство Фатмир Меџити кога на 5 јуни, за смената на д-р Сашко Јовев, тогаш директор на Клиниката за кардиохирургија, рече дека нема никакви политички причини, пишува МКД.мк
Секаде каде што има злоупотреби ќе има и санкционирање, рече тогаш министерот Меџити. Тој тогаш не кажа за какви злоупотреби станува збор, но сведочењата на вработени во клиниката само ја потврдија оваа негова изјава.
Кога на изненадување на сите министерот Меџити го потпиша решението за разрешување на директорот Јовев, никој со ниту еден збор не ја спореше неговата стручност и професионалност како кардиохирург. Тој беше и дел од тимот кој спроведе неколку успешни трансплатации на срце.
Но, кога станува збор за менаџирање со еден колектив, според сведочењата на дел од вработените во клиниката, очигледно е дека Меџити едноставно бил приморан да го стори тоа. Тој тогаш спомена и мобинг.
Медицинската сестра Верче Стојкоска случајот за мобинг од страна на Сашко Јовев го пријавила и до управата на Клиниката за кардиохирургија, но и во полиција. Во нејзината писмена изјава, која ја поседуваме, таа вели дека веќе три години го трпи мобингот од директорот, дека трпела навреди од директорот, кој ѝ се заканил дека ќе биде избркана од работа („ќе леташ како партал“), а ретко кога била на листата за зголемување на платата. „Ја замолувам управата на Клиниката да има разбирање за оваа моја поплака, јас сум самохрана мајка, жена борбена, болна од карцином, со неколку оперативни зафати. Сметам дека управата ќе ја има предвид поплаката заради моја лична сигурност и безбедност“, се вели во писмената изјава на Стојкоска до управата на Клиниката за кардиохирургија. Истата ова изјава е заведена и во полициската станица во Центар.
Јовев за ова бил повикан во полициската станица. Но, малтретирањето продолжило, па во една прилика ми се закани дека ќе ме убие, вели Стојкоска.
Освен ова, според колегите, Јовев често ги казнувал и докторите, со намалување на платите за 20 отсто. Во решенијата најчесто пишувало поради „дисциплинска неуредност“, или „јавна опомена“. Казнети биле докторите Марија Котевска Анѓушев, Марјан Шокаровски (сегашниот директор на Клиниката), Вангел Здравески…
Она што во овие случаи е интересно е што не бил почитуван член 187 од Законот за здравствена заштита според кој треба да се формира дисциплинска комисија, по што работоводниот орган треба да го потпише решението за дициплинската мерка. Во овој случај, според казнетите, таа постапка воопшто не била почитувана.
Во врска со разрешувањето на Јовев, Меџити во неколку наврати во почетокот на јуни изјави дека овој негов потег се должи на „констатирани злоупотреби од страна на инспекција. Нема да дозволам да има директори кои 5 до 10 години не доставиле никаков извештај и немаат ништо сработено. Не работиме напамет, имавме сознанија и имавме од одредена клиника поплаки за мобинг и други злоупотреби. Но да не ја мешаме професионалноста како лекар и како директор. Тука станува збор за злоупотреба на работното време и внатре во менаџирањето. Има извештај за тоа зошто е разрешен. Сакам да отфрлам каква било инсинуација дека разрешувањето има политичка позадина“, рече Меџити.
Од Јовев, и покрај нашите телефонски повици и пораки, не успеавме да добиеме изјава.
Превземено од МКД.мк