Опозициските поддржувачи се собраа низ Венецуела на масовни протести поради, како што велат, спорната изборна победа на претседателот Николас Мадуро на претседателските избори минатиот месец.
Лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо им се придружи на илјадниците демонстранти во главниот град Каракас и им порача да не се плашат, јавува Би-Би-Си.
Мачадо беше во бегство откако беше обвинета за бунт, но таа се појави на протестите нагласувајќи дека „нема ништо над гласот на луѓето што зборувале“.
-Нема да ги напуштиме улиците!, им рече Мачадо на демонстрантите и повика на национални протести за да се зголеми притисокот врз Мадуро да го признае поразот на изборите.
Полицијата и војската беа распоредени во голем број во градовите бидејќи приврзаниците на Мадуро исто така организираа протести.
Изборната комисија соопшти дека Мадуро победил и освоил трет шестгодишен претседателски мандат, но опозицијата тврди дека нејзиниот кандидат Едмундо Гонзалес победил со голема разлика.
Говорејќи од непозната локација, Гонзалес рече дека е време за „уредна транзиција“, но изборната комисија одби да објави детални резултати, велејќи само дека Мадуро победил со 52 отсто од гласовите.
Од завршувањето на изборниот процес, се разгореа антивладините протести, а според властите, од 29 јули, кога беа објавени изборните резултати, се уапсени над 2.400 лица.