Интензивно се работи на реализација на проектот за изградба на завршниот дел, четвртата фаза, од минор коритото на Крива Река во должина од околу 470 метри, од спортскиот комплекс во градот до градскиот базен во Крива Паланка.
Проектот е финансиран од средства одобрени од Бирото за регионален развој, 16.000.000 денари.
– Со изградбата ќе се заокружи комплетната проектирана делница на целата должина на минор коритото на Крива Река во централното градско подрачје, од населба Бегови Бавчи до градскиот базен. Изградбата на оваа фаза ќе овозможи подигнување нови зелени површини во кејот, засадување нови декоративни садници и дрвја, што значи уште повеќе зеленило во градот, уредување на вливот на Бабин дол во Крива Река и еден нов и модерен лик на самиот градски кеј, посочуваат од општината.
Изведувач на градежните работи е фирмата „Цвет компани“, а надзор е МГ Проект.
Третата фаза од коритото беше уредена минатата година, со изградба на пешачки мост, за што беа вложени 11.000.000 денари од Светска Банка и Министерство за животна средина. Вкупно за двете делници од коритото за две години се инвестираат 450.000 евра.