Со спроведување на анкета помеѓу наставниците и учениците од трета и четврта година во средните гимназиски училишта, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието го започнуваат процесот на унапредување на квалитетот на гимназиското образование и негово усогласување со европските образовни стандарди.
-Повеќе од 20 години гимназиското образование е непроменето и неопходна е потребата од прилагодување на глобалните трендови и стандардни, како и на општествените текови. Во таа насока, преку анкетни прашалници за наставниот кадар и учениците во гимназиите, МОН и БРО ќе ги идентификуваат актуелните предизвици, но и силните страни на постојниот систем на гимназиско образование, соопшти МОН.
Со спроведување на реформа на гимназиското образование,како што посочуваат од МОН, се отвораат бројни можности за подобрување на квалитетот на наставата и учењето, како за учениците, така и за наставниците.
-Придобивките ќе вклучуваат поуспешно усогласување на наставните програми со потребите на современото општество и пазарот на трудот, подобрување на критичкото размислување и практичните вештини на учениците, како и нивна подобра подготовка за понатамошно образование или работен ангажман. За наставниците, промените ќе обезбедат подобра поддршка за професионален и кариерен развој, воведување на современи наставни методологии и алатки, како и креирање на поинтерактивна и мотивирачка училишна средина, се наведува во соопштението.
Анкетирањето ќе се спроведе во периодот од 30 септември до 4 октомври, од страна на советници од Бирото за развој на образованието, а во анкетата во секоја гимназија е потребно да учествуваат најмалку 80 отсто од наставниците и сите ученици од трета и четврта година.