Поплавите во Словенија однесоа уште еден човечки живот.
Безживотно тело на маж било пронајдено вчерa во областа Мост во општината Коменда. Како што јавуваат словенечките медиуми ова е четврта жртва како последица на силните поплави што ја зафатија земјата.
Како што се наведува, во неделата вечерта било пронајдено удавено лице во септичка јама, кое, според информациите настрадало додека ги отстранувало последиците од поплавите во областа Мост. Во саботата, пишува РТВ Словенија, во водите на Сава било пронајдено тело на повозрасен маж. Тој живеел во близина на брегот во месноста Томачево и бил однесен во водите на надојдената и излеана река. Претходно во петокот во месноста Камник, беше соопштено за смртта на жена во Камник. Медиумите, исто така јавија за двајца настрадани холандски државјани во планините кај Крањ, но деталите околу овој случај засега се нејасни.
Инаку, Словенија веќе четврти ден се бори со поплавите, предизвикани од обилните врнежи од дожд. Протокот на реката Мура стивнува, но водата и понатаму ги поплавува куќите и дворовите.