Годишната стапка на инфлација во САД, петти месец по ред бележи пад и во август изнесуваше 2,5 отсто, додека во јули беше 2,9 проценти, соопшти денеска американската Канцеларија за статистика на трудот (БЛС).
Инфлацијата во САД сега е најниска од февруари 2021 година.
Цените на енергијата во САД во август се намалија за четири отсто на годишно ниво, пред сè поради падот на цената на бензинот за 10,3 проценти.
Според извештаите на БЛС, цените на храната се зголемени за 2,1 отсто на годишно ниво, а транспортот пораснал за 7,9 проценти, но и во двата случаи со побавно темпо отколку во јули.
На месечна основа, инфлацијата се зголеми за 0,2 отсто во однос на јули, додека годишната основна стапка на инфлација стагнира на 3,2 проценти.
Експертите предвидуваат дека поради континуираниот пад на инфлацијата Американската централна банка (ФЕД) следната недела ќе дозволи намалување на каматните стапки.