Општинските комитети веќе ги доставиле предлозите за кандидати за градоначалници на претстојните локални избори, рече денес премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Најави дека граѓаните ќе ги дознаат имињата на нивните кандидати во мај.
„Сѐ уште како партија не сме донеле конечна одлука, во моментот во тек е партиската дебата. Веќе од страна на општинските комитети се пристигнати предлози, имиња, кои треба да се најдат на анкетите, на мерењата. Почнуваме во втората половина од јануари интензивно да мериме и очекувам некаде во втората половина на мај 85-90 % од имињата на кандидатите за градоначалници што ќе ги предложиме да им ги соопштиме и на македонските граѓани“, најави премиерот Мицкоски.
Неколкупати досега, кога опозицијата бараше оставка од него и предвремени парламентарни избори, премиерот Мицкоски кажуваше дека локалните избори ќе бидат тест и за тоа. Доколку граѓаните не ја дадат поддршката на владејачката коалиција, рече дека ќе распишат и предвремени парламентарни избори.
Локалните избори се очекува да бидат закажани во октомври годинава. Последните локални избори се одржаа на 17 октомври 2021 година.