Косовската полиција во соработка со македонската полиција попладнево го уапсила Алил Демири, осуден во отсуство во случајот „Монструм“. Информацијата ја потврди МВР, од каде воедно се додава дека лицето е уапсено на територијата на Косово. Од МВР велат дека Демири е уапсен врз основа на издадена меѓународна потерница од македонското МВР, баран врз основа на наредба на Oсновниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело “Тероризам”, во врска со петкратното убиство кај Смиљковското езеро. Тој, според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, беа уапсени во 2013-та во Косово, но за друго кривично дело. Потоа, во 2016-та беа ослободени. Во меѓувреме, Македонија преку Министерството за правда неколку пати додека тие беа во притвор бараа нивна екстрадиција, но Косово не одговори позитивно. Во февруари 2021 година, во повторното судење за случајот Монструм, Судот ги прогласи за виновни Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, за тероризам и ги осуди на казни доживотен затвор, а иста казна доби и Агим Исмаиловиќ. Судот изрече пониски казни од 15 и 9 години затвор за двајца од обвинетите, додека еден беше ослободен од вина.