Бугарија се обврза на лекување на 14 жртви од пожарот во Кочани. Ова го изјави заменик директорот на болницата „Пирогов“ во Софија, Николај Габровски, пренесуваат бугарските медиуми..
Габровски вели дека осуммина од повредените ќе бидат сместени во Пирогов. Досега се пристигнати пет лица. „Тројца од нив се на вештачка вентилација на белите дробови. Потребно е да им се помогне со дишењето. Состојбата на пациентите е сериозна, не можеме да кажеме ништо повеќе бидејќи во моментов се примени. Ќе вложиме максимални напори да ги лекуваме“, прецизираше тој на брифингот во Пирогов.
Во болницата се очекува да бидат примени уште три лица, од кои две ќе бидат деца на возраст од 15 и 16 години, како и еден 19-годишен маж. Ќе бидат и интубирани, пишуваат тамошните медиуми.
Три лица ќе бидат превезени во Пловдив, а три во Варна.
Габровски изрази сочувство до семејствата на загинатите: „Ова е огромна трагедија, со која не можеме а да не сочувствуваме.
Информира дека Бугарија го испрати воениот авион „Спартан“, кој донел осуммина од повредените во нивната земја.
Уште пет лица во тешка состојба и на механичка вентилација се очекува во текот на денешниот ден со амбулантни возила со специјализирана опрема да бидат пренесени во софискиот централен ургентен центар .
Бугарската амбасада во Скопје е во постојан контакт со македонските власти и продолжува да ја следи состојбата, според тамошните медиуми.