Чуден е молкот за пропустите на Јавното обвинителство во случајот со модуларната болница во Тетово, се вели во партиската реакција на ВМРО-ДПМНЕ по објавувањето на документарецот на ИРЛ за трагедијата во која пред две години животите ги загубија 14 луѓе.
За потсетување, Истражувачката репортерска лабораторија во документарецот насловен „Убиство во Тетово“, емитуван во неделата на националната телевизија МТВ, повикувајќи се на документи и сведоштва до кои дошле, поставија нова димензија на целиот случај, трагајќи по одговорот на прашањето – дали имало или има обид да се сокријат одговорните за трагедијата?
„Срамно е што одговорноста за смртта на 14 луѓе се сведе на две – три периферни лица во системот без прецизно утврдување на вистинска одговорност. Јавното обвинителство како за овој, така и за сите други случаи амнестира од одговорност луѓе за кои има основани сомневања дека имаат пропусти во работата и криминално работат“, се вели во денешното писмено соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија прашуваат „до кога Јавното обвинителство ќе трепери пред олигархијата и луѓето од власта“, додека за државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е „само статист во овој случај“.
„ИРЛ ги потврди сите наши сомнежи кои ги изнесовме уште пред две години. Потребно е да има одговорност и ќе одговараат сите од прв до последен“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.