По бурните реакции во јавноста откако Владата одлиучи да ги спои лиценците за концесијата на минерална суровина бакар и злато на Иловица-Штука, се огласи компанијата Еуромакс. Нивното соопштение го пренесуваме во целост.
-Во врска со Одлуката за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“, општина Босилово со концесијата за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село, доделени на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје, донесена на седницата на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 27 јуни 2023 година, Ве информираме дека основ за донесување на оваа одлука е Пресудата на Управниот суд од 30.03.2023 година, со која се уважува тужбеното барање на Тужителот ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје и оспорената Одлука на Владата на Република Северна Македонија за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина- руди на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“, општина Босилово, донесена на 16.12.2019 година, истата се поништува и предметот се враќа кај тужените-Владата на РСМ и Министерството за економија на повторно разгледување и одлучување.
Со Пресудата, како тужена страна, Владата и Министерството за економија се задолжени да постапат и да го применат правнoтo сфаќање и дадените забелешки на Управниот суд.
Против оваа пресуда не беше дозволена жалба, а согласно Законот за управните спорови. Имено, во образложението на Пресудата, Управниот суд смета дека спојувањето на концесиите претставува посебно правно прашање, односно посебна постапка за која надлежниот орган до кого е доставено Барањето-Министерството за економија, согласно правилата на управната постапка е должен да постапува и да донесе соодветен управен акт.
Постапувајќи по насоките од предметната пресуда, Владата на Република Северна Македонија ја донесе Одлуката за спојување на двете концесии за експлоатација, доделени на ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје.
Сакаме да информираме дека со усвојувањето на оваа предлог одлука, Владата ги изврши донесените одлуки на Управниот и Вишиот управен суд и го спроведе членот 61 од Законот за минерални суровини, односно веќе доделените концесии се спојуваат во една целина.
Согласно тоа, фактичката состојба не се менува, туку се изменети координатите на доделените концесии во насока истите да преставуваат една целина.
Сакаме да информираме дека станува збор за административна постапка со која само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии.
Потенцираме дека не се доделуваат нови права на Концесионерот и со ова не се дава право да врши експлоатација, односно за да може да врши експлоатација потребно е да добие дозвола за експлоатација согласно Законот за минерални суровини.
Во однос на постапката за добивање на дозвола за експлоатација, концесионерот ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје има доставено барање за дозвола за експлоатација за двете концесии (сега споени), но тие сеуште не се комплетни, односно сеуште треба да достават техничка документација и одобренија издадени од други надлежни институции пред кои се веќе започнати постапки.
Уште еднаш истакнуваме, дека Владата на РСМ, има слух и разбирање за загриженоста на жителите на предметната локација. ВРСМ и Министерството за економија нема да издадат дозвола за експлоатација за отворање на рудник, без исполнување на највисоките светски стандарди и добри практики за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
Дозвола за експлоатација нема да биде издадена и без предходни консултации и сослушување на ставовите на локалното население, што е и законски редовна постапка
при издавање на решение за одобрување на студија за заштита на животната средина, без која не може да се издаде дозволата.
И ова се однесува не само на дозвола за експлоатација во Иловица, туку и за отворање на било кој друг рударски капацитет во Република Северна Македонија.
Владата на РСМ, како и сите институции кои што функционираат под нејзина надлежност одлуките ги носат исклучиво согласно законот, позитивни правни регулативи, а во овој случај и согласно со Пресудата на Управниот суд. Владата и нејзините членови при носење на оваа одлука се водеа исклучиво од начелото за почитување и постапување по правосилни судски одлуки и зачувување на правната сигурност која што пак претставува еден од основните темели за поволна деловна клима за сите инвеститори, домашни и странски.
Евентуално непостапување согласно со донесена Пресуда на Управниот суд ќе значеше непочитување на судот и ќе не изложеше на евентуално нови судски постапки со сериозни импликации по Буџетот и можни арбитражни постапки пред меѓународни судови.
Но, доколку некое лице, организација или здружение поседува докази или индиции за потенцијален судир на интереси или прекршување на законските норми ги охрабруваме истите да ги изнесат пред надлежните органи кои потоа би можеле темелно да ги проверат и да утврдат евентуални неправилности, доколку постојат.