На денешната 46 владина седница, донесовме низа важни одлуки кои имаат за цел да го подобрат квалитетот на животот на граѓаните, да ја зајакнеме економијата и да ја подобриме транспарентноста, информира владината портпаролка Марија Митева.
Таа соопшти дека се усвоени двата договори за кредитната линија од 250 милиони евра наменета за бизнисот со што, како што најави, средствата ќе станат оперативни.
Ова, според Митева, ќе претставува позитивен импулс за компаниите, „со исклучително поволни услови, рок на отплата до 15 години, 3 години грејс период и каматна стапка од 1,95%“.
Втората одлука како што појасни Митева се однесува на зајакнување на системот најавните набавки како дел од Реформската агенда каде се предвидени повеќе реформи во делот на управувањето со јавните финансии.
„Европската комисија повеќе години во извештаите за напредокот го критикува пречестото користење електронски аукции и истото го посочува како битен недостаток во системот на јавните набавки.
За таа цел Владата ја разгледа Информацијата за обврската за намалување на процентот на електронски аукции во јавните набавки во 2025 година да се намали до најмногу 40% од бројот на објавените постапки и ги задолжи и им препорача на сите органи на државната управа да преземат мерки за намалување на бројот на електронски аукции во јавните набавки.
Конечно, како дел од нашата постојана заложба за навремено постапување се однесува и денешната одлука со која Владата го утврди и го доставува до Собранието полугодишниот законодавен преглед со предлози на закони и други акти по кои одлучува Собранието и истиот согласно динамиката вклучува 60 законски решенија произлезени од Програмата за работа на Владата“, соопшти Митева.