Жителите на Галичник неколку пати во изминатите три години барале од надлежните институции да се реши проблемот со зголеменото присуство на мечки во селото. Како што велат од месната заедница на Галичник, одговор не добиле. Порачуваат дека е вистинска среќа што немало поголем инцидент, односно уште никој не настрадал.

Забраната за лов на дивеч го зголеми бројот на дивите животни, а тоа во Галичник веќе претставува сериозен проблем, се вели во писмата кои месната заедница секоја година ги испраќа до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и до Државниот инспекторат за ловство.

-Би сакале да Ве известиме дека МЗГ повеќе пати сосем официјално се обраќа до Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и до Државниот инспекторат за ловство укажувајќи на растечкиот проблем со присуство на мечки во Галичник. Дописи се доставени преку архивите на двете институции во 2019 и 2020 година, а минатата недела се обративме на службениот мејл на Инспекторатот.

Апелираме надлежните да дејствуваат и да дадат насоки на локалното население. Одомаќинети диви животни во населени места претставуваат голема опасност за населението, се вели во соопштението.