Делегацијата на ЕУ и Германија како земја членка во изминативе години вложија и напори и средства за подигнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), институција која е основа за здрава и демократска медиумска сцена.
Мандатот на актуелните членови на ААВМУ е одамна истечен, а деновиве Собранието избра предлог-кандидати кои допрва треба да бидат изгласани на пленумот. Дел од експертската јавност и ЗНМ веќе критикуваа дека избраните кандидати не се најдобрите, па дури и дека некои не ги исполнуваат условите, туку дека се договорени меѓу ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“, ЗНАМ и СДСМ, пишува 360 степени.

Два и пол месеци пратениците во собраниската Комисија за избори и именувања размислуваа и на крај одлучија – кои седум кандидати да ги предложат на пленумот за седумте столчиња во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Епилогот изгледаше вака: ВМРО-ДПМНЕ предложи тројца, двајца кандидати дојдоа на предлог на коалицијата „Вреди“ и по еден од ЗНАМ и од СДСМ.

„Ги предлагам следниве кандидати: Виктор Павловски, Сашо Стефановски и Петар Џуровски“, рече Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како наши предлози значи одиме – Афрона Врзиволи и Нафие Селмани“, кажа Ријат Шаќири, пратеник од „Вреди“.
Од ЗНАМ ја предложија Цветанка Миновска, а од СДСМ – Гордана Мајнова. И, случајно или не, секој од седумте кандидати помина со ист број гласови.

„Со десет гласови ‘за’ констатирам дека Комисијата на избори и именувања ги усвои предлозите,“ изјави Ѓорѓија Сајкоски, претседател на собраниската Комисија за избори и именувања.

Пратениците од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ немаа дилема што се случува и ја напуштија седницата.

„Пред нас имаме листа со луѓе кои не ги исполнуваат предвидените услови по закон. Затоа, нема зошто да земаме учество во оваа претходно наместена игра од страна политичките партии“, рече Илире Даути , пратеничка од „Европски фронт“.

А зошто е важно кој ќе биде член на Советот? Агенцијата за медиуми е регулаторно тело за телевизиите и радијата, а Советот на Агенцијата, меѓу другото, решава за доделување и одземање на дозволите за телевизиско и радио емитување, одобрува промена во сопственичката структура на медиумите, решава за постоење недозволена медиумска концентрација и ги избира директорот и заменик-директорот на Агенцијата.

Во биографиите на седумте кандидати селектирани од Комисијата, кои се достапни на интернет-страницата на Собранието, може да се прочита дека има снимател, монтажер, продуцент, две економистки и новинарка. Конкуренција им беа уште 15 други пријавени на јавниот оглас кои ги исполнуваа условите но отпаднаа, иако некои имаа далеку побогата биографија и искуство во областа.

Сите овие околности беа причина за остра реакција од Здружението на новинари на Македонија.

„Се создава перцепција дека партиите имале некаков состанок, се договориле некако тие кандидати да бидат предложени, усвоени без некоја дискусија и на тој начин да се затвори оваа приказна. Навистина разочарува фактот што не видовме мерит систем во однос на селекцијата. Тоа значи дека кандидатите се предложени но можеби тука има некаков систем на бодување, зошто тој кандидат или кандидатка е подобар од некој друг. Во овој контекст ако се прегледаат снимките од седница ќе се констатира дека намерата беше да се изберат оние што претходно биле договорени од страна на политичките чинители со цел да се затвори ова прашање и да се оди понатаму“, вели Драган Секуловски, директор на ЗНМ.

Критиките на ЗНМ сериозно ги сфати меѓународната заедница. Од Амбасадата на Германија, земја која штотуку заврши твининг-проект со Агенцијата за медиуми, за „360 степени“ изјавија – политички независни, слободни и висококвалитетни медиуми се столбот на една силна демократија, а професионалниот надзор на медиумите, според стандардите на ЕУ, има централна улога во тоа.

„Кога медиумските работници изразуваат остра критика за постапката за назначување во Советот на ААВМУ, тогаш тоа мора да биде повод за загриженост. Бидејќи за да може да ја исполни својата улога, не смее да се појават сомнежи дека Советот располага со соодветните стручни компетенции и дека може да одлучува независно. Одговорност на Собранието е да го обезбеди тоа. Општествата се онолку силни колку што се силни нивните јавни институции. Силата на институциите, пак, варира во зависност од компетенциите и интегритетот на нивните вработени. Политичките партии во земјава со право секогаш одново го нагласуваат значењето на назначувањата според компетенциите. Ваквата заложба е тогаш веродостојна, кога е постојана водилка во сите постапки за именување,“ одговорија од Амбасадата на Германија.

Од Делегацијата на ЕУ во Скопје, пак, велат дека одблизу ја следат работата на Комисијата за избори и именувања во врска со изборот на кандидати за Советот на ААВМУ.

„(Советот е н.з.) тело на кое е доверена значајна моќ да го надгледува управувањето и работењето на Агенцијата и да обезбеди заштита и развој на плурализмот во медиумските услуги во земјата. Потенцираме дека е важно кандидатите да се изберат и предложат за избор во согласност со критериумите кои ги пропишува Законот за ААВМУ и, особено, дека ги имаат потребните компетенции и искуство за да ја извршуваат функцијата“, одговорија од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Дека процесот бил партизиран и несоодветен е став и на дел од експертската јавност.

За Снежана Трпевска од Институтот за истражување на општествениот развој „Ресис“ првиот сигнал дека процедурата не оди во добра насока бил видлив уште на јавното сослушување на кандидатите.

„Организирањето јавна расправа за кандидатите треба да биде организирана на таков начин да чуеме што тие имаат намера да направат во одреден поглед на некои жешки точки за аудиовизуелниот сектор, каква е нивната замисла и визија. Оваа јавна расправа беше претворена по мене во пародија, затоа што организациите кои даваа препораки за кандидатите, единствено тие може да зборуваат за кандидатите и да ги фалат и да објаснуваат зошто ги препорачале, а сите други присутни на јавната расправа немаат можност да им поставуваат прашања на кандидатите“, посочува Снежана Трпевска, Институт за истражување на општествениот развој „Ресис“.

Трпевска, која беше дел од процесот на избор од самиот почеток и која имала увид во биографиите на кандидатите, вели дека дел од оние што отпаднаа имаат богато искуство и се докажани во фелата.

Факт е дека мандатот на актуелниот Совет е одамна поминат и дека досега не можеше да се стигне до нов поради тоа што со законските измени од 2018 година се воведе двотретинско плус бадентерово мнозинство за избор, но вели Трпевска, тоа не може да оправда партиски калкулации.

„Консензусот треба да биде за да се изберат независни и стручни кандидати, значи прв критериумот во договарањето требало да им биде кои се тие луѓе кои ги исполнуваат од аспект на знаење, работно искуство, образование – кои се тие стручни лица кои навистина треба да бидат избрани таму. Тоа треба да биде критериум за договарање меѓу партиите за да може со 2/3 мнозинство, а ова сега договарање беше претворено ние ќе гласаме за вашите кандидати, вие за нашите кандидати. Се уште постои интерес да се влијае врз регулаторното тело“, додава Трпевска.

Најмногу критики меѓу дел од политичката но и стручна јавност имаше за кандидатките на „Вреди“ – Афрона Врзиволи и Нафие Селмани. Потсетуваме, законот забранува членовите на Советот на Агенцијата за медиуми да бидат лица кои извршуваат должност во политичка партија или, пак, биле членови на раководни органи на политички партии во последниве 10 години.

Врзиволи, летоска беше именувана за главен ревизор за ИПА фондовите како кадар на „Вреди“. Но, по реакциите од ЕУ и притисокот од јавноста дека таа го нема потребното искуство и ревизорски сертификат, беше разрешена.

Селмани, пак, била член на претседателството на Алтернатива, а се најде и на листата за пратеници од „Вреди“. Сепак, го минаа првиот филтер.

Па, став за изборот на кандидатите побаравме од опозициската СДСМ и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Повторно, случајно или не, од двете партии имаа речиси идентичен одговор.

„360 степени“: Зошто се решивте за партиски пазар наместо за избор на професионалци во тело кое по закон треба да биде независно?

Лефков: Па не би се согласил, затоа што мандатот на членовите на АВМУ беше изминат повеќе години, во Собранието беше спроведена соодветна постапка, беше и оглас објавен. За да биде донесен и усвоен предлогот за членови за АВМУ потребно е двотретинско мнозинство и Бадентерово. Ве уверувам дека АВМУ ќе добие квалитетен состав“, изјави Лефков.

Димитријевиќ: Во тој дел имаше јасни забелешки на ЕК дека на членовите во таа агенција им е истечен мандатот за да направиме функционална целина сметавме дека во овој момент е подобро да се изберат.

„360 степени“: Дури и ако не се професионалци во прашање?

Димитријевиќ: Имаше расправа во Собранието пред неколку месеци се разговараше за тоа прашање и ние сме на став дека е потребен полн состав на агенцијата. вели Димитријевиќ.

Димитријевиќ вели дека СДСМ функционира како конструктивна опозиција подготвена за консензус. А, на прашањето до пратеникот Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, дали би ги гласал за селектираните кандидати и покрај реакциите на новинарската фела, дел од експертите, а сега и од меѓународната заедница, тој вели:

„Доколку остануваат истите докази коишто ги разгледавме и истиот состав –да, ќе ги гласаме. Доколку настанат одредени промени, се разбира, може да се влезе и во процес на ревизија“, вели Лефков.
Веќе има пример кој укажува дека околностите може да се сменат. Пред околу два месеца, комисискиот филтер го минаа и кандидатите за Советот за граѓански надзор на следењето на комуникациите. И во тој случај, наместо докажани експерти во областа, беа избрани луѓе со партиски бекграунд.

По реакциите, вклучително и на меѓународната заедница која со години ја помагаше реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем, пленумот во Собранието никогаш не ги избра предложените кандидати.

Дополнителна пречка за изборот на членовите на Советот на Агенцијата за медиуми се и законските одредби. На власта ќе ѝ треба СДСМ, бидејќи за избор е потребно двотретинско мнозинство. А ќе им треба и барем некој од „Европскиот фронт“ на ДУИ за да се стигне до Бадентерово.

Извор: 360 степени