Речиси 2.000 мртви пингвини се пронајдени на источниот брег на Уругвај во последните десет дена, а иако причината за смртта сѐ уште не е позната, властите најавија дека најверојатно не се работи за птичји грип.

– Магеланските пингвини, вид кој ја населува Јужна Америка, главно млади, умреле во Атлантскиот Океан пред водните струи да ги донесат во југоисточните одделенија Канелонес, Малдонадо и Роча – изјави за AFP Кармен Лиезагојен, раководител на одделот за фауна во уругвајското Министерство за животна средина.

Според неа, 90 отсто од пингвините кои умреле биле оние на помлада возраст без масни наслаги и кои имале празен стомак. Таа додаде дека тестовите за птичји грип биле негативни.

Овој вид пингвин кој живее на југот на Аргентина мигрира на север во потрага по потопли води во текот на зимата на југ и може да оди до бреговите на југоисточната бразилска држава Еспирито Санто.

– Нормално е еден процент да умре, но не толку – рече Леизагојен и потсети дека тоа се случи минатата година во Бразил и дека ниту тогаш не биле познати причините.