Министерството за економија ниту некого излажало, ниту измамило, ниту ставило некого во заблуда, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција во врска со концесиите за рудникот „Иловица – Штука“.
Според него, не се работи за една, туку за две концесии.
-Можам слободно да потврдам, а очекувам тоа да го потврдат и другите колеги, дека Министерството за економија ниту некого излажало, ниту измамило, ниту ставило некого во заблуда. Како што најавивме на брифингот, ние сме доставиле само хронологија на настаните и што е одлучено од 2005 година до денеска во делот на Предлог-одлуката за спојување. Истата информација беше на седницата на Владата, не е сменето ни образложението, ни информацијата, но ова е политичка Влада и се носат во одредени моменти и политички одлуки, истакна Бектеши.
Тој на прес-конференцијата во Владата, која е во тек, детално информира за сите управни и судски постапки, заклучоци и одлуки поврзани со рудникот.
Бектеши најпрво им се извини на новинарите за вчерашното одложување на прес-конференцијата. Рече дека причина за тоа била долгата и конструктивна дебата на владината седница, поради што Министерството за економија било принудено да ја одложи прес-конференцијата.