Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Венко Филипче ќе учествува во трката за нов претедател на социјалдемократите, потврди тој за МИА.

-Да, поднесувам кандидатура за лидер на СДСМ, ни одговори кусо поранешниот министер за здравство.

Претходно, учество во трката за нов претседател на СДСМ најавија поранешната министерка за одбрана и актуелната пратеничка Славјанка Петровска и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски. Се споменува дека е можно да се кандидира и директорот на Царина, Стефан Богоев.

Внатрепартиските избори следуваат по поразот што партијата го претрпе на парламентарните избори, на кои освои 18 пратенички мандати. Венко Филипче беше носител во Четвртата изборна единица, каде партијата освои пет мандати.

Во СДСМ на 31 мај почна постапката за вонредни внатрепартиски избори за нов партиски претседател. За 9 јуни е закажан Конгресот на која ќе се анализираат причините за изборниот резултат, а Централниот одбор на партијата предложил и измени на Статутот на партијата за мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години.

СДСМ во петокот соопшти дека Централниот одбор на партијата на седницата ден претходно усвоил Правилник за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател за вонредните избори, како и Правилникот за начинот и постапката за активна регистрација за членови на СДСМ.

null

Врз основа на Статутот на СДСМ, одлуките на Централниот одбор и одлуката на Извршниот одбор, од петокот СДСМ објави Отворен повик за самокандидирање на сите заинтересирани кандидати за претседател на партијата.

-Постапката за кандидирање започнува од 31.05.2024 и ќе трае седум дена, до 06.06.2024 година. Право на кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите и високите вредносни, морални и етички норми. За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ кој најмалку еднаш бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата, наведе партијата.

Вонредните внатрепартиски избори ќе се одржат на 30 јуни. Изборите ќе ги спроведе Централна изборна комисија заедно со 80 општински изборни комисии и Одбори на избирачки места на локално ниво. Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат.