Фудбалерот на Ливерпул и репрезентативец на Холандија, Вирџил Ван Дајк, рече денеска дека е крајно време фудбалерите да се обединат и да преземат чекори против натамошно зголемување на бројот натпревари кој расте со секоја нова сезона.

Холандскиот дефанзивец наведе дека врвните фудбалери заработуваат огромни плати, но посочи дека тоа не смее да се одрази врз нивното здравје.

„Ние во Англија веруваме дека распоредот е пренатрупан, Играчите фантастично заработуваат, но тоа не смее да се одрази врз здравјето. Секоја нова сезона сме принудени да играме сè повеќе натпревари. Ние играчите би морале да кажеме нешто по тоа прашање и да придонесеме кон донесување решение“, рече Ван Дајк.

Холандскиот дефанзивец е на подготовки со репрезентацијата пред дуелите со Франција, в петок, и Грција, в понеделник, по што ќе се врати кон клупските обврски во Премиер лигата и градското дерби против Евертон на 21 овој месец.