Голем број граѓани и денес, по трет пат, се собраа на протест на кој се бараше правда за Фросина Кулакова, која беше усмртена додека поминуваше улица на пешачки премин во Скопје.

Протестот почна на Партизански одреди каде девојката беше прегазена од возилото управувано 20-годишниот Васил Јованов кој немал возачка дозвола, возел пијан и поминал на црвено светло.

Кон протестот се приклучи и семејството на Кулакова, а присутни беа и семејствата на други лица кои ги загубија животите во сообраќајни несреќи.

„Протестираме за подобра правда, правичност, промена на системот, но бараме и да не се злоупотреба несреќата на мојата сестра за ситни политички поени“, рече Росица Кулакова, сестра на починатата девојка.

Маршот продолжи и пред Владата, а потоа кон Собранието и на крајот пред Апелацискиот суд, а собраните носеа транспаренти на кои пишуваше: „Ние сме гласот на Фросина, валкани пари – смртни последици“, „Не чекајте катастрофа, дејствувајте сега!“, „Бараме одговорност за (не)одговорните“, „Доста со врски, време е за правда“.

Семејството ја повика Владата да продолжи со поддршката и да ги сослуша барањата што ќе произлезат на протестите и им порача на пратениците активно да се вклучат во промената на законите. Понатаму, беше побарано и чинителите на судската власт да престанат да ги бранат нечесните меѓу нив.