Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) на 26 јуни 2025 година во Скопје го одржа своето редовно годишно неизборно собрание, на кое едногласно беше усвоена Декларација за одбрана на професионалното новинарство. Со оваа декларација, ЗНМ упати јавен апел до политичките чинители, институциите и јавноста за почитување на слободата на медиумите и улогата на новинарите.

Во документот се повикува на воздржаност од навреди, дисквалификации и напади врз новинарите, се бара обезбедување на услови за нивно непречено и безбедно работење, а се потсетува и дека секој притисок врз медиумите претставува закана за демократските процеси. Особено внимание е посветено на претстојните локални избори, при што ЗНМ апелира јавноста да ја препознае важноста на независното новинарство во време на зголемена политичка чувствителност.

Собранието претставуваше можност за критичка евалуација на реализираните активности и зацртување на приоритетите за наредниот период. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, во своето обраќање истакна:

„Наш приоритет отсекогаш бил и останува подобрување на условите за работа на новинарите, обезбедување законска и институционална заштита, унапредување на транспарентноста на јавните политики и поддршка на независното новинарство. Ова се наши заеднички предизвици кои бараат заедничка посветеност, упорност и меѓусебна доверба. Ви благодарам за довербата и ве повикувам и понатаму заедно да се бориме за достоинствено и слободно новинарство.“

Во рамките на работниот дел од собранието беа презентирани и извештаите за работата на телата на ЗНМ во 2024 година. Присутните членови изразија поддршка за натамошно засилување на активностите на Здружението, особено во контекст на зголемените притисоци и ризици со кои се соочува новинарската фела.

ЗНМ во изминатата година спроведе над 30 обуки и настани во Скопје и регионалните центри, со повеќе од 450 учесници. Темите опфатија истражувачко новинарство, етика, дигитална безбедност и вештачка интелигенција во медиумите. Со „ТАЈМ Академијата“ и летниот камп за млади новинари, се обезбеди континуирана поддршка и мотивација за новата генерација медиумски работници.

Во 2024 година беа пријавени 4 физички напади врз новинари, а ЗНМ обезбеди бесплатна правна помош во 66 случаи и психолошка поддршка во 11 случаи.

Беше презентиран и Годишниот извештај за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, како и Индексот за безбедност за 2024 година, подготвени во рамки на регионалната мрежа SafeJournalists. Извештајот укажува на умерен напредок, но нотира и постојани предизвици – како што се бавните судски процеси, економската несигурност, автоцензурата и порастот на онлајн закани и SLAPP тужби.

На собранието беа презентирани и резултатите од проектот „Заштита на слободата на изразување и независноста на медиумите“, поддржан од Европската Унија. Беа истакнати стратешките приоритети на ЗНМ – солидарноста меѓу новинарите, поддршката за младите, развој на тематски секции и подобрување на правната и медиумската средина преку застапување и кампањи.

Членовите активно се вклучија во дискусијата со конкретни предлози за натамошно подобрување на состојбата во медиумскиот сектор и улогата на новинарите во заштита на јавниот интерес.