Не треба да се впуштаме во полемики за македонскиот јазик. Тоа според мене е губење време. Ние пишуваме на македонски и не можеме тоа да го доведеме во прашање затоа што ќе го доведеме во прашање својот идентитет, својата егзистенција, порачува во интервју за МИА годинашниот добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, Влада Урошевиќ.
Урошевиќ, кој е македонски поет, раскажувач, есеист и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) вели дека отсекогаш бил против тоа да се впуштаме во полемика со бугарските научници, писатели и политичари околу ова прашање.
– Ако тие сметаат дека нашиот јазик не е автентичен, нека си останат со тоа свое мислење, што можеме? Ние сигурно не можеме да ги убедиме. Останува само тие да се променат сами, еден ден да ја сфатат реалноста. Дотогаш треба да ја сочуваме главата студена и да ја сочуваме ладнокрвноста. Тие полемики не водат никаде. Тоа, според мене, е губење време. Треба да ги оставиме нека зборуваат што сакаат, ние си ја знаеме својата вистина, истакнува Урошевиќ.
Во интервјуто, што подолу е објавено во целост, годинашниот лауреат на Струшките вечери на поезијата говори и за причините за малиот интерес за студирање и изучување на македонскиот јазик.
– Се случуваат некои промени во интересот и веројатно кога еден студент се запишува или не се запишува на македонски јазик, тој ги пресметува своите шанси за вработување. Знаете, не станува само збор за тоа дали ја сакаме таа материја и дали сакаме тоа да го студираме. Сепак, улога игра и оној практичниот дел од размислувањето дали можам да најдам работа кога ќе ги завршам овие студии. Мислам дека тоа е главното прашање и добро е што се воведени задолжително лектори за многу начини на објавување, печатење, промовирање во јавноста и тие играат многу значајна улога во сето тоа и мислам дека ни се потребни уште лектори. Така што, студирањето на македонскиот јазик не носи повеќе ризици од студирањето на нешто друго, појаснува Урошевиќ.
Интервјуто го пренесуваме во целост:
Вие сте годинашен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Што претставува оваа награда за Вас?
– Знаете што, ова не е само врвна поетска награда во Македонија. Ова е една од врвните поетски награди во светот. Јас сум присуствувал на извесен број светски фестивали и знам како се одигруваат, а на оние што не сум присуствувал, сум слушал за нив и мислам дека можам слободно да речам дека „Златниот венец“ на Струшките вечери спаѓа во врвот на меѓународните поетски награди и тоа со онаа листа на поети која ја воспоставивме за овие последните 50-тина години откако се дава „Златниот венец“. И драго ми е што Струшките вечери успеаја да го одржат тоа ниво. Мене многу ме трогна веста кога дознав дека сум влезен во таа листа на добитници на „Златниот венец“ која е навистина толку репрезентативна што секој познавач на поезијата мора да рече ова е светската поезија на нашето време.
Најтешкото прашање кое новинарите го поставуваат на добитниците на некоја награда е како се чувствувате. Се чувствувам почестен, се разбира. Ми значи многу. На извесен начин го вреднува мојот целокупен поетски опус, ми потврдува дека ете нешто сум направил. ваквото прашање ја доведува и во искушение мојата скромност, нели. Тоа е огромна чест и многу ми прави големо задоволство што на оваа листа доаѓам заедно со моите ценети колеги и драги пријатели Блаже Конески и Матеја Матевски.
Вие сте третиот македонски поет што го добива ова признание. Сметате ли дека македонските поети треба да се повеќе вклучени во добивањето на оваа награда?
– Претходно кажав дека уште кога ја креиравме наградата, рековме таа треба да биде наменета за странските поети. И мислам дека тоа беше мудра одлука. Нашите поети секако треба одвреме навреме да ја добиваат, но не пречесто, за да не излезе дека сме ја измислиле наградата заради нас. Погледнете, за овие 60 години, тројца македонски поети, што значи на секои 20 години, по еден. Тоа не е лошо, не е лош просек и мислам дека треба да го одржиме тој критериум. Ние имаме наша награда за македонски поет за најдобра збирка поезија. „Браќата Миладиновци“ се дава за најдобра збирка поезија во текот на годината напишана на македонски јазик. И јас мислам дека тоа е во ред, од една страна имаме македонска награда, а од друга страна меѓународна награда. Се разбира, треба да внимаваме да го одржиме нивото на „Златниот венец“ затоа што мислам дека преку досегашниот избор успеавме да стекнеме едно значајно реноме за таа награда.
Дел сте од Струшките вечери уште од самите почетоци. Како го оценувате развојот на фестивалот, трансформацијата, модернизацијата, вметнувањето на нови содржини, меѓутоа и задржувањето на она традиционалното. Кој е вашиот став во однос на ова прашање?
-Да, да, се разбира. Јас присуствував на првите скромни, многу скромни почетоци на фестивалот кога бевме собрани само 12-тина македонски поети кои читаа во некоја полутемна саличка и тоа беше се. Но, мислам дека радува фактот што од самите почетоци идејата за создавање на еден традиционален меѓународен поетски фестивал беше прифатена од нашата јавност, од нашата културна јавност, од нашите медиуми и од политиката, од оние што даваат пари. Сето тоа многу среќно се спои. Јас велам дека тоа беше едно чудо. Вистинско чудо се случи што фестивалот продолжи, имаше повремено пречки, имаше повремено кризи, но фестивалот се развиваше и се збогатуваше со содржини. Некои работи се менуваа, отпаѓаа, доаѓаа други. Имаше амплитуди во свечениот дел од фестивалот во таа надворешна „помпа“, тоа беше понекогаш превисоко, понекогаш прениско, но главно е што фестивалот ја задржа својата физиономија. Се менуваше, но со внимание за да не го загуби оној свој основен идентитет што го стекна во почетокот. Јас сум против тоа дека мораме постојано да се менуваме. Има фестивали во светот кои се малку различни од нашиот, имаат малку различна содржина, различна програма и тие држат до тоа. Тоа е физиономија на тој фестивал. Секако доаѓаат нови млади генерации, носат нови иде,и што е нормално, но притоа треба да се внимава да се сочува она што е суштината, што е срцевината на оваа манифестација и таа да остане со својот веќе јасно исцртан профил, со своите јасно назначени карактеристики.
Во последните години се соочуваме со намален интерес во однос на изучувањето на македонскиот јазик на државните универзитети. Според Вас, што треба да се направи да се поттикнат студентите да студираат македонски јазик и како дојдовме до ова ниво?
– Да. Сум слушнал за намалениот број на студенти. Мислам дека за тоа не е виновно општеството. Се случуваат некои промени во интересот и веројатно кога еден студент се запишува или не се запишува на македонски јазик, тој ги пресметува своите шанси за вработување. Знаете, не станува само збор за тоа дали ја сакаме таа материја и дали сакаме тоа да го студираме. Сепак, улога игра и оној практичниот дел од размислувањето дали можам да најдам работа кога ќе ги завршам овие студии. Мислам дека тоа е главното прашање и добро е што се воведени задолжително лектори за многу начини на објавување, печатење, промовирање во јавноста и тие играат многу значајна улога во сето тоа и мислам дека ни се потребни уште лектори. Така што, студирањето на македонскиот јазик не носи повеќе ризици од студирањето на нешто друго. Може да се каже дека оние што ќе завршат македонски јазик имаат шанси да се вработат и имаат шанси да направат сериозна кариера во животот. Се разбира, треба дополнителен труд, дополнителни вложувања, но мислам дека не е во прашање некој да ја доведува во сомневање потребата од таквите кадри. Туку се некои поинакви размислувања, студентите размислуваат каде ќе се вработат после тоа, колкави им се шансите. Сето тоа игра улога. Да се надеваме дека во иднина овој број на идните македонисти ќе се зголемува.
Последните години се соочуваме со негирање на македонскиот јазик. Како е вашето согледување во однос на ова прашање, во однос на историјата на јазикот?
– Јас секогаш бев против тоа да се впуштаме во полемика со бугарските научници, писатели и политичари околу тоа прашање. Немаме за што да дискутираме. Тоа е за нас решено прашање. Ние пишуваме на македонски и не можеме тоа да го доведеме во прашање за тоа што ќе го доведеме во прашање својот идентитет, па и својата егзистенција. Затоа мислам дека не треба многу да се полемизира со нив. Ако они сметаат дека нашиот јазик не е автентичен, нека си останат со тоа свое мислење, што можеме? Ние сигурно не можеме да ги убедиме. Останува само они да се променат сами, еден ден да ја сфатат реалноста. Дотогаш треба да ја сочуваме главата студена и да ја сочуваме ладнокрвноста. Тие полемики не водат никаде. Тоа, според мене, е губење време. Треба да ги оставиме нека зборуваат што сакаат, ние си ја знаеме својата вистина.
Како ја оценувате македонската литература и книжевност. Што е она што се случува во моментот?
– Знаете што, мислам дека поминаа деновите на бурниот развиток на македонската книжевност, поминаа годините на жестоките опонирања и негирања едни на други, спротивставувања на една група кон друга. Тоа беше потребно во еден миг, тој период беше подотворен, но тој помина. Сега сме навлезени во еден се надевам долг период на нормално развивање на литературата. Сите жанрови си се развиваат според сопствените законитости и сето тоа очигледно дека носи плодови. Имаме толку книги пред нас секој ден. Еве, на почетокот од оваа година за наградата „Роман на годината“ конкурираа 35 романи, имаме продукција од 35, понекогаш и 40 романи годишно што е навистина импресивно. Имаме извонреден развиток на научната есеистика, на проучувањето на литературата. Морам да речам дека имаме прекрасни стручњаци за прашања што ги опфаќа книжевната наука. Радува фактот што се се тоа жени интелигентни, информирани, начитани кои даваат извонреден придонес на овој дел од книжевноста, книжевната критика и есеистика. Секако, дека ги поминавме тие години кога секоја година се очекуваше ново чудо да излезе – не знам каква збирка поезија или не знам каков роман. Сега влеговме во, како што кажав, еден период на нормален развиток и сето тоа поминува понекогаш навистина без бурни настани, но со една нормална нагорна линија која тече и покажува дека македонската литература го одржува својот континуитет.
За крај, накратко кој е Влада Урошевиќ?
-Еден писател кој сака да се обидува во сите жанрови и кој љубопитно навлегува во нив и на кој понекогаш му успева да го оствари тоа што го замислува.
Сакате ли Вие нешто да кажете?
-Само сакам да кажам дека радува фактот што Струшките вечери на поезијата продолжуваат и мислам дека е тоа извонредно значајно, дека понекогаш носи не многу видливи поени на прв поглед не само за македонската поезија и македонската литература, туку и за македонската култура воопшто, па и за нашата државност и нашиот идентитет.
Слаѓана Стојковска-Костовска/МИА