Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска пред медиумите во Охрид истакна дека официјалната политика на Унгарија е да биде на страната на силен претседател на САД, кој ќе биде во служба на мирот во светот.
Орбан на прес-конференцијата одржана по средбата со македонскиот колега Христијан Мицкоски во контекст на прашање на новинарите потсети дека Унгарија уште во 2015/16 година била отворен поддржувач на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој нагласи дека Унгарија нема намера да се меша во внатрешните работи на САД, но ја истакна улогата што ја имаат САД како еден од клучните играчи на светската политичка сцена и воопшто во светскиот мир.
– Доколку на чело на САД се наоѓа претседател кој сака војна, тогаш во светот ќе има војна. Кога во САД има претседател кој е против војна, тогаш војна нема да има. Кога во Вашингтон има силен претседател, тогаш војна нема да има. Искуството ни говори дека кандидатот Трамп, кој веќе беше претседател, е на страната на мирот. Унгарија би сакала САД да ги води претседател кој се залага за мир во светот, посочи Орбан.
Унгарскиот премиер ја искористи можноста да посочи на криза во западната политичка елита.
– Западната елита е зачаурена во тесен круг и ги губи позициите на светската политичка сцена. Во западниот свет се создаде една елита без свежа крв, која без промени нема да може да се справи со предизвиците што следуваат, истакна Орбан.
Тој нагласи дека предизвиците што ги носи времето налагаат потреба од, како што рече, „свежа крв“ во трансатлантската политика, а дека Унгарија ќе поддржи каква било динамика што може да донесе нешто ново.