Даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето се извршува во готово, должни се да го регистрираат готовинскиот промет преку фискален систем на опрема (фискални каси) и да издаваат фискални сметки.
Обврската да се воведе и користи одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања, не се однесува на:
– даночните обврзници кои данокот од доход за приходите од вршење на дејност го плаќаат според паушално утврден нето приход, освен таксистите;
– лицата кои не се трговци за прометот на непреработено и сопствено земјоделско производство што го вршат на тезги на пазари, како и надвор од пазарите;
– физичките лица кои издаваат под закуп станбен или деловен простор;
– лицата кои вршат дејност во објекти што се наоѓаат во населени места со број на жители под 300 луѓе и кои се сместени во високопланински и тешко достапни места со исклучок на туристички места;
– лицата кои вршат улична продажба на весници и списанија;
– колпортерска продажба;
– лицата кои вршат улична продажба на лозовите што се употребуваат при приредување на игрите на среќа од типот инстант лотарија, како и на картичките што се употребуваат при приредување на игрите на среќа од типот томбола;
– лицата кои извршуваат континуиран промет, за кои издаваат сметки и за кои се предвидени последователни плаќања (испорака на струја, вода, телефонски услуги, греење и ладење и друго);
– продажба на добра или услуги преку автомати за продажба кои работат со монети и книжни пари.
Мобилните екипи на УЈП ќе вршат засилени контроли за фискализација, посебно за времетраењето на летните манифестации кои се одржуваат низ општините и туристичките центри во Македонија каде се очекува зголемена посетеност на угостителските објекти, концерти, плажи, паркинг простори и друго.
За повеќе информации контактирајте не преку Инфо центарот 0800 33 000 или во Регионалните дирекции/Даночните одделенија на Управата за јавни приходи.
Брошура за фискализација и регистрирање на готовинските плаќања http://www.ujp.gov.mk/files/attachment/0000/0844/ISBN-978-608-4592-93-8_Fiskalizacija_i_registriranje_na_gotovinski_plakanja_24.01.2018.pdf