Земјишната политика е основен фактор за враќањето на производството во земјоделскиот сектор и враќање на производствените капацитети на нивото каде што некогаш биле, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во гостување во емисијата „Аграр“.
Трипуновски истакна дека неговата прва задача во функцијата е да направи ревизија на земјоделското земјиште кое било поделено во претходните години. Целта е да се провери дали земјиштето во државна сопственост се користи согласно со договореното.
„Нашиот фокус е да ги контролираме големите корисници, особено оние правни субјекти кои добиле големи површини земја, а кои можеби не ги исполнуваат обврските. До сега имаше два такви случаи каде земјиштето се користело бесправно, а истовремено биле искористени и државни субвенции“, објасни Трипуновски.
Контролите, како што најави, ќе продолжат и во иднина, а целта е да се ослободи земјиштето и да се додели на вистинските земјоделци кои ќе ја користат земјата со цел да ја подобрат производството.
„Не ќе дозволиме фантоми земјоделци да профитираат на сметка на државата“, нагласи министерот.
Во однос на јавните повици, Трипуновски информираше дека лани завршија јавни повици за распределба на земјиште кои беа објавени за време на техничката Влада. Со овие повици се потпишани 967 договори. Во текот на новогодишните празници беа објавени и нови повици кои беа барање на земјоделците, а тие завршија со пристигнување на над 2.000 апликации.
„Нашата следна фаза ќе биде оглас за распределба на земјиште, со точно дефинирани парцели. Планираме да се поделат парцели не помали од 10 хектари, бидејќи сакаме да ги охрабриме земјоделците да размислуваат за окрупнување на земјиштето“, изјави Трипуновски.