Зголемување од 2 проценти годинава во однос на минатата има кај површините кои беа засеани со пченица.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пренесува изјава на министерот Цветан Трипуновски кој посочува дека согласно првичните податоци од науката и теренските сондажи, се бележи „сериозен раст во делот на просекот кој ќе биде на државно ниво – тој ќе се движи оваа година над 4 тони по хектар.
-Овие 70.000 хектари кои ги имаме во евиденцијата како Министерство, засеани со пченица, ќе дадат просек кој е многу поголем од минатите години. Ќе добиеме производство од 280 до 300.000 тони пченица, со што ќе се задоволат домашните потреби, наведува Трипуновски.
Во минатото, како што вели, главната забелешка беше што државата дозволуваше стоковните резерви да се полнат со увозна пченица, наместо да се полнат од домашното производство.
-На владина седница донесовме одлука каде што преку Агенцијата за стоковни резерви од индивидуалните земјоделци ќе се врши откуп на 9.000 тони пченица за потребите на стоковните резерви, појасни министерот Трипуновски.
Додаде дека стоковните резерви ќе бидат полнети во повеќе региони низ Македонија: во битолскиот и во прилепскиот регион, дел во Овчеполието и во западна Македонија./Макфакс