Тетовските пензионери денеска започна трета недела како секојдневно се собираат пред објектот на Здружението на пензионери за јавно да го изразат револтот од ниските пензии и на овој начин да дадат поддршка на барањата за зголемување на пензиските износи. Пензионерката Ленче Симовска, која редовно доаѓа на овие собири за прв пат се обрати пред новинарите, потенцирајќи дека со пензионерите се собираат за да се слушне, како што рече, нивниот крик за бедата во која се живее.
– Ова не е политички, туку маката не тера да се собереме. Не да преживуваме, туку да живееме. Со тие 3500 нема ние да збеснеме, не, тоа е да се живи, да се има за лекови и за пристоен живот, за храна. Министерката Тренчевска вели дека разликата од минималната пензија до највисоката е 1 наспроти 4, но реалните бројки покажуваат 1 наспроти 7. Ние ќе станеме социјални случаи со ваков ред ако прават за нас пензионерите. Тренческа рече дека со 15 години стаж не може да биде иста пензијата со тие што работеле 40 години, во ред. Но мора да се знае дека за време на транзицијата многу фабрики беа затворени и тие луѓе што останаа со 15 години стаж, тоа не беше по нивна вина тие останаа на улица и одеа по приватни фирми каде не беа осигурани за корка леб. Тоа не се 10 луѓе, тоа се илјадници луѓе, каде беа институциите да проверат зошто тие луѓе не се осигурани, изјави Ленче Симовска.
Петре Костадиновски вели дека иако има над 40 години стаж, поради високите цените на храната сега и неговата пензија е недоволна за нормален живот.
– Јас сум бил вработен во Југохром, од дете до пензионирање, со над 40 години стаж. Јас сум средна класа тоа време, но сега пензијата ми се обезвредни скроз. Со 1000 денари ќе купиш производи за една торбичка, за едно лепче и нешто ситно, побогато нешто не можеш да земеш. Голема сиромаштија доаѓа. Зголемени се цените на храната. Јас сум бил многу добар, но сега сум разочаран. Цените се претерани, голема е инфлацијата, изјави Костадиновски.
Претседателот на Здружението Селвер Мемети истакна дека барањата се исти и потсети дека од речиси 14 илјади пензионери во тетовскиот регион околу половина се со ниски пензии.
– Мора да им се помогне на пензионерите. Обединети нации велат дека државата треба да се грижи за старите лица, а во таа категорија припаѓаат и пензионерите. Тетово е текстилен град, а се знае дека тие имаат најниски плати и затоа имаат најниски пензии. Има во тетовско 14.000 пензионери, од каде над 50% имаат ниски пензии, или пензии под 14 илјади денари, изјави Селвер Мемети.
Се бара линеарно зголемување на пензиите за 3500 денари, зголемување на минимална пензија на 18 илјади денари, а измените во законите за пензиско осигурување да се направат по брза постапка со европско знаме.