Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се предаде синоќа во затвор во округот Фултон, Џорџија, како дел од судењето против него за обид за кражба на резултатот од изборите во оваа сојузна држава по претседателските избори во 2020 година.
Судијата и окружниот обвинител се согласија судењето да почне на 23 октомври во забрзан процес. Трамп пристигна со голема колона обезбедување од тајната служба, пријавувањето траеше 30 минути, бидејќи тој и обвинителите претходно неделава се договорија за кауција од 200,000 долари. Договорот вклучува забрана на Трамп да ги заплашува останатите обвинети од случајот вклучувајќи и на социјалните мрежи.
Во затворот му беше земена биометрија – отпечатоци од прстите и скенирање на очите и му направија полициска фотографија. Но и му доделија затворски број #P01135809. Округот Фултон ги објавува полициските фотографии, а судот во Атланта дозволува телевизиски пренос на судењата.
Се дознава дека тимот на Трамп планира да ја користи фотографијата во кампањски цели и реклама, а во рамки на трката за претседателски кандидат од републиканците во која Трамп е лидер.
Пред да се качи на авионот за да отпатува назад во Њу Џерси експретседателот на САД даде изјава за новинарите.
-Не направивме ништо погрешно. Ова е мошне тажен ден за Америка, изјави тој.
„Треба да можеш да ги предизвикаш изборите. Мислeв дека изборите беа наместени, украдени. И имав право на тоа“, додаде тој.
Трамп и уште 18 останати соработници, вклучувајќи го Марк Медоус негов поранешен шеф на кабинет, и личниот адвокат Руди Џулијани се обвинети за серија постапки за организирање шема за лажирање на изборниот резултат во Џорџија од претседателските избори во 2020 година, на кои победи Џо Бајден.
Дел од точките наведуваат „принуда на официјално лице да изврши дела што се косат со заклетвата за државна служба“, или „попречување на изборно право за избирачите на Џорџија“.
После Трамп,, со најмногу кривични дела е обвинет Медоус, кој исто така вчера им се предаде на властите. Во обвинението тој е опишан како свесен соучесник во напорите да се попречат изборите во 2020 година, кој се среќавал со службеници од државите, договарал телефонски повици, пуштал меморандуми со стратегии како Трамп да остане на власт. Како негово најсериозно кривично дело се смета телефонскиот повик на Трамп до државниот секретар на Џорџија во кој Трамп бараше „најди ги 11.870-те гласа“.
Трамп досега е апсен четири пати по вкупно 91 обвинение. Тој ја испишува историјата на САД бидејќи ниту еден поранешен или актуелен американски претседател досега не бил апсен, дали од федерални или од државни власти.