Предлог Концепцијата за средно гимназиско образование изработена од страна на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а упорно бранета од страна на Министерката Весна Јаневска е несоодветна и штетна за образовниот процес, изјави на прес-конференција, Петре Трајковски, член на Комисија за образование и наука на СДСМ.
Тој вели дека покрај укинувањето на предметите за кои веќе имаше бурни реакции во јавноста од стручната фела, со предлог Концепцијата, Јаневска предвидува укинување и на задолжителниот предмет ,,Бизнис и претприемништво” во IV година и два предмети во изборното подрачје ОХА ,,Економија” и ,,Менаџмет”.
На сметка на овие предмети, вели Трајковски, се воведува еден наставен предмет Економија и Бизнис и тоа само како изборен.
„Како дел од Стратегијата за образование 2018-2025 претприемничкото образование и претприемничкото учење беа едни од клучните стратешки цели на кои требаше да подлежи нашиот образовен систем. Преку нив учениците стекнуваат компетенции кои им се потребни за пазарот на трудот. Глобализацијата и брзиот технолошки развој доведоа до потреба од наставни предмети кои ќе ги подготват учениците за следење на овие текови. Со ваквиот предлог во концепцијата тоа сега се руши“, рече Трајковски.
Како што додаде, вака како што се предлага, нема да може да се исполнат стратешките цели и да се подготват учениците за пазарот на трудот поттикнувајќи ја нивната иновативност и претприемнички дух.