Работиме и ќе работиме за Северна Македонија да биде ефективен член на Европската Унија во што е можно пократко време, изјави италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани.
Тајани, на заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, порача дека неговата посета не е само формална, туку е јасна порака за вложувањето на Италија за забрзување на пристапувањето на земјите од Западен Балкам кон ЕУ.
– Со министерот ќе се сретнеме повторно во Њујорк на средбата „Пријатели на Западен Балкан“. Тоа е показател дека Италија верува во регионот и силно го поддржува… Северна Македонија е многу важна, земја пријател на Италија. Сакаме да го зголемиме присуството на италијанските претприемачи. Пред да слетам се сретнав во претприемачи кои сакаат да инвестираат во Северна Македонија и им кажав дека има многу можности за инвестирање и дека оваа Влада, сака и ќе ги поддржи инвеститорите, порача Тијани.
Тијани, исто така, го нагласи и присуството на Северна Македонија во НАТО алијансата и меѓусебната економската соработка, и најави средба за искористување на потенцијалот на Коридорот 8.
-Одлучуваме да организираме средба за Коридорот 8. Ќе видиме до крајот на годината да отвориме дискусија со Северна Македонија, Бугарија и Албанија, за да се забрза економскиот развој и развојот на внатрешниот пазар, изјави Тијани.
Министерот Муцунски, средбата ја оцени како особено важна, нагласувајќи дека ова е прва посета на МНР од Европа, од неговото стапување на функцијата, што рече само ја потврдува и дополнително ја надградува 30-годишната соработката меѓу двете земји. На средбата, Муцунски, рече дека го истакнал значењето за предвидливоста на патот кон европските интеграции, како и дека добил уверување за поддршката од Италија на нашиот пат кон ЕУ.
– Италија е, и останува еден од најголемите поддржувачи на нашите стратешки и надворешно-политички цели, особено кога станува збор за полноправното членство во ЕУ. Добив уверување од мојот колега дека оваа поддршка ќе продолжи и во иднина. Потенцирав дека и понатаму ние сме силно посветени на реформите, добрососедските односи и регионалната соработка, изјави Муцунски. ра/аа/