Четириесет и тригодишен маж е осомничен дека по расправија го убил својот една година помлад брат, а потоа неколку дена се обидувал да го прикрие злосторството.

Како што соопшти Основното јавно обвинителство, убиството се случило вечерта на 27 јули, во дневната соба од домот на жртвата. Меѓу браќата најпрвин избувнала вербална расправија, која завршила трагично – осомничениот неколку пати го удрил својот брат со метален предмет по главата, нанесувајќи му смртоносни повреди.

Во деновите што следеле, осомничениот презел серија чекори за да го сокрие злосторството – ја исчистил крвта од подот и од предметите, а телото го преместил во помошна просторија во дворот, каде што го закопал и го покрил со шперплоча и други предмети, надевајќи се дека нема да биде откриен.

Обвинителството поднесе предлог до судот за определување мерка притвор, со образложение дека постои опасност осомничениот да се обиде да избега или дополнително да уништува докази./Макфакс