ВОЈО МАНЕВСКИ
Понекогаш се обидувам, се разбира безуспешно, да го разберам процесот на размислување кај луѓето.
Секој просечен човек, кога ќе види напишано 2+2, инстиктивно, не го гледа напишаното, туку во главата му се појавува 4. Значи врз основа на едноставни факти, донесува заклучок. Состојбата се комплицира кога се анализираат посложени појави/процеси, кога проблемот не е толку очигледен, а уште помалку решението. Овде до израз доаѓа претходното искуство и знаење на оној што се обидува да го донесе решението, зачинето со неговиот интелект и моќ за логично расудување. Ако се вратиме на првата реченица, мојата неуспешност во разбирањето се должи или во недоволното познавање или во недостатокот на интелект, а најверојатно на двете заедно.
Токму способноста за решавање на различни проблеми ги прави луѓето нееднакви. Колку и да сме пред Бога исти, некои од нас се малку повеќе од него благословени со моќ за расудување. Образованието, во оној првиот фактор, секако додава на тасот тежина. И без таа дарба, логичен заклучок би бил дека ако во една заедница имаме повеќе луѓе кои се образувани и имаат животно искуство, надарени со способност за логичко расудување, тогаш би требало заедницата да е успешна, просперитетна, среќна… А дали нашата македонска заедница е таква? Верувам дека ќе се согласите дека не е.
Зошто? Дали сме необразовани, имаме проблем со интелигенцијата или…? Да се вадиме постојано на тоа дека сите се против нас и немаме среќа, некако – ми се коси со логиката, а не сум премногу паметен! Дали не е време да се средиме, да земеме длабоко воздух и да почнеме да размислуваме? Може нешто и ќе смислиме, треба да се обидеме, нели?
Не, не сме глупи, само имаме малку дефицит на разум!
Има уште една состојба, деновиве алармантно доминантна. Кај луѓето се јавува масовна блокада на моќта за расудување дополнето со комплетно губење на способноста за поврзување на размислувањето со претходното искуство и знаење. Ниту можеме да ја согледаме сегашноста, ниту да покажеме дека сме научиле нешто од историјата. За иднината да не ни помислуваме, сами си ја правиме матна и темна. Веројатно станува збор за некоја патолошка состојба.
Како поинаку да ја разберам бесмислената кавга меѓу двајца мои пријатели, кои се знаат и живуваат повеќе од 50 години и освен што едниот е од оние кои се на власт, а другиот е од оние другите. Ситуацијата што во Штип моментално и двајцата се на некој начин и во едните и во другите, за случајов е небитно. Интензитетот на кавгата и емоцијата со која моите пријатели влегоа во кавгата сугерира дека и двајцата се убедени дека се во право. И двајцата се домаќини со семејства, деца, внуци, и што е најважно и двајцата се убедени Македонци и ако на кој било од нив му кажеш нешто спротивно, се накострешуваат, подготвени очите да ти ги извадат. Е токму за тоа беше кавгата – кој е поголем Македонец, а кој е предавник!
Која е апсурдноста на оваа кавга?!
Двајца Македонци, секој убедени во својата вистина, изведена врз сопствен начин на расудување, ќе се испотепаат – во име на заедничка штета! А влогот во кавгата е тоа во кое се колнат и за кое се тепаат – Македонија! Како волови кои на ливада со пресна детелина ќе почнат беспоштедна борба за тоа кој да ја јаде детелината, а има и за двајцата, а во борбата ќе ја изгазат и уништат детелината до коренче. Само што во случајот со пријателите работата е многу посериозна. Воловите секогаш можат да се преселат на друга ливада, ама ние Македонците малку потешко, друга ливада немаме!
Но, вистинскиот шок доаѓа на крајот. Кога некако успеавме кавгата да ја симнеме на ниво на малку погласен разговор, единствен логичен заклучок беше дека – нема логика. На прашањето зошто се обвинуваат, и едниот и другиот ги повторуваа партиските ставови. Тие сограѓани, пријатели од детство – немаат свој став и како папагали ги повторуваат соопштенијата кои им се пласираат од партиските кујни. И наместо сплотеност, во нивните очи почнува да се чита изразено непријателство, а тоа е застрашувачко. Од еднаш од двајца Македонци, станаа северџани, бугараши, србомани… Да ти се смачи!
И сега, со она малку што ми остана од текнувалото, самиот си поставувам прашање – ова e случајно или е планирано? Дали си ја растураме државата заради отсуство на разум или процесот е управуван и засилуван? Во чија корист се и кој ги контролира сите овие процеси?
Немам доволно претходни знаења и можност да дадам одговор. Но овие прашања ми раѓаат нови.
Македонија се наоѓа пред голем предизвик, мора да се донесат одлуки од кои зависи иднината на државата, а со тоа и иднината на луѓето кои живеат во неа. Ама некако ми се чини дека истите тие луѓе се далеку од свесни за причините за наметнување на некоја одлука, а посебно за последиците од неа. Неправењето анализа на сите околности во кои се наоѓаме е еднакво на самубиство.
Веќе пишував дека нелогично е 85% од народот да е против вметнувањето на Бугарите во Уставот, а истовремено да се плаши дека ќе се бугаризира и тоа веднаш. Тоа едноставно, не ми оди заедно. Ако си против нив, како тогаш можат да имаат влијание врз тебе. Не се тие наши сограѓани, штo се изјаснуваат како Бугари, носители на некој нов вирус од кој ќе засписеш како Македонец, а ќе се пробудиш како Бугарин или вирусот е таков што го брише чувството за национална припадност иако носиш маска за заштита.
Понатаму, многу легитимно прашање е што им одговара на „душманите“. Ако Бугарите сакаат да нè блокираат на патот за ЕУ, далеку полесно ќе им биде тоа да го прават кога ќе бидеме тргнати од преговарачката маса. Тоа што негласањето на Уставните измени не само што ќе нè тргне од масата, туку најверојато ќе нè избрка и од собата, е уште повеќе во нивен прилог. Секое наше следно барање, секој обид да се заштити нашето население таму, ќе заврши со – какво право имате да барате кога не сакавте да вметнете само 3.500 Бугари во Уставот и не сакате да им дадете права. Верувајте, прашањето за кокошката и јајцето (да повторуваме дека тие први почнале) овде нема да важи.
Следно, колку некој и да негира, мене ми изгледа логично дека ставањето на Бугарите во Уставот како дел од ДРУГ народ е во директна спротивност од ставот на Бугарија дека нема Македонски народ туку тоа е еден народ во две држави. Ако додадеме уште и дека Македонија се конституира „во согласност со традицијата на Крушевската Република“, ставањето на Бугарите во почетната реченица на Уставот, го зацврстува, а не ослабува Македонскиот идентитет, бидејќи нив ги става како дел од друг народ кој заедно со Македонскиот, се борел за создавање на МАКЕДОНСКАТА Држава!
Па ако тоа е така, каков е тој „Бугарски диктат“? Што диктира тој? Како што на мене ми изгледа, со мојот скромен потенцијал на расудување, најлогично би било тој да диктира Уставните измени да НЕ бидат усвоени, бидејќи така најмногу ѝ одговара на Бугарија. Дури и изјавата „Уставни измени, под Бугарски диктат, нема да има!“, без да се смени ниту една буква ама прочитана со поинаква дикција, ми има некое сосема друго значење од она што најголем дел од граѓаните го сфаќаат. Што ако вистинското значење е „Уставни измени нема да има затоа што Бугарите диктираат така!“, а ние како лоши разбирачи на состојбите и односите им ги задоволуваме желбите? Што е вистината? Можеме ли да ја разбереме…
Среќа што не требаше да заземам страна на еден од пријателите кои се караа, ќе ја закашкав работата! Тие се караа за тоа кој е предавник, а јас не го знам одговорот.
Вие знаете ли? Има ли предавник, ако има – кој е? Или сите заедно сме најголемите предавници на сопствениот род?
Превземено од Цивил Медиа