Во земјава моментално се лекуваат 54 пациенти од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откако во текот на вчерашниот ден на домашно лекување беа испратени 10 пациенти. Според информациите кои денеска ги соопшти министерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за состојбата на пациентите, на Клинички центар се лекуваат 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 11 пациенти, во Градска општа болница – 10 пациенти, додека на приватните клиники се лекуваат шест пациенти.

Министерот посочи дека надвор од државата се лекуваат вкупно 115 пациенти, од кои пет од нив се очекува идната недела да бидат вратени во земјава и, како што рече, по тријажата која ќе им биде направена ќе се утврди дали ќе бидат задржани на некои од трите болници во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување. Таравари нагласи дека шест пациенти се во критична состојба, додека пак, останатите 109 пациенти се во релативно добра состојба, но, како што рече „да бидеме резервирани за тоа дека можат да се случат компликации кои што не се предвидени“.

– Надвор од државата се лекуваат 115 пациенти. Добрата вест е што ако првата недела кажавме дека 20 се многу критични, по два дена 10 многу критични, денеска кажувам дека само шест се во многу критична состојба. Се надеваме дека таа бројка нема да се покачи со евентуални компликации кај другите пациенти. Некои од пациентите планираме веќе од другата недела да се вратат, тоа се пет од вкупно 115 пациенти. Ќе бидат прифатени прво во трите болници во Скопје, од кај што се испратени и по тријажата која ќе им биде направена ќе биде утврдено дали ќе бидат задржани или уште веднаш ќе може да се пуштат на домашно лекување, рече Таравари.

Од пациентите кои се во критична состојба, Таравари посочи дека двајца се лекуваат во Љубљана и четири пациенти во Воено-медицинската академија во Белград. Во врска со оние пациенти кои се очекува идната недела да се вратат во земјава, Таравари рече дека според информациите кои ги добиваат тие дури би можеле да се вратат со комерцијални летови.

– Од Италија се планира еден испис, од Шпанија се планираат два исписа, од Шведска еден испис и од Австрија два исписи. Ова е планот, но не е дефинитивно во понеделник ќе ве известиме точно. Подготвуваме протоколи кои што ќе бидат прифатени од Кризниот штаб и објавени транспарентно за да се види како ќе се третираат пациентите. Најпрво ќе ги примиме во болниците, потоа ќе ги пуштиме дома. Според информациите кои што ги добиваме од овие болници, пациентите дури можат да се вратат со комерцијални летови, рече Таравари.

Прашан за какви повреди станува збор кај пациентите кои се лекуваат во земјава, Таравари рече дека генерално се работи за изгореници, кај дел од пациентите скршеници за кои бил потребен оперативен зафат, но и изгореници на слузокожата на дишните патишта.

– Генерално се изгореници, некаде имаме и скршеници кои што можеби ќе бидат задржани подолго и ќе треба да се оперираат. Изгореници на слузокожа на дишни патишта, токсичност… рече Таравари.