Лидерот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари вели дека има разговарано со другите претседатели на партии во однос на настапот на изборите, освен со претставниците на Левица, бидејќи како што обелодени, немаат никаква комуникација.

-Ако одиме сите заедно (партиите од власта), јас мислам дека ѝм правиме штета на СДСМ. Овој вокабулар што се користи во последно врмее, посебно од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, го поларизира општеството. Јас сум горд што од албанските партии нема радикални ставови, најрадикален е да се тргне формулацијата 20%. ВМРО декларативно вели дека е за европска Македонија, но практично на терен не остава таков впечаток. Не сакам да помислам дека партијата ќе биде пречка за понатамошно вклучување на земјава во ЕУ. Ако одиме со СДСМ, само може да ѝ наштетат на СДСМ. СДСМ треба да ги собере сите проевропски македонски партии и на помалите етнички заедници и да си направи своја кампања. Ние албанските партии треба да размислуваме опција што помалку блокови да видиме – или една заедничка што е невозможна мисија или најмногу два, рече Таравари во емисијата на „Слободен печат“.

За лидерот на АА, ако неговата партија оди со ДУИ на изборите, ќе има 4/5 од вкупниот број на албански пратеници. Ако оди со опозицијата, вели ќе имаат над половина.

-Ако одиме сами, со одредени помали албански партии, тогаш мислам дека ДУИ повторно ќе победи и ќе имаме три блокови, што не е добро, истакна Таравари.

Извор: Локално.мк